фото: Пикселс

Во саудискиот град Џеда, на брегот на Црвеното Море, синоќа заврши мировниот самит за Украина, на кој учествуваа високи претставници од околу 40 држави, но немаше претставник на Русија.

Средбата заврши по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати.

Саудиска Арабија беше домаќин на состанокот за Украина, на кој се очекуваа „не лесни“ разговори. Средбата, што почна попладнето заврши синоќа по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати, соопштија учесниците.

Како што се очекуваше, не беше објавена завршна декларација, но според неименуван европски извор, договорен е заеднички став за клучните точки, пред сè дека во мировниот договор мора да се почитува „територијалниот интегритет и суверенитет“ на Украина.

На Самитот присуствуваа и претставници на земјите-членки на БРИКС, кои не застанаа зад Украина, но не ја поддржуваат руската инвазија, што почна во февруари 2022 година.

Додека советник на бразилскиот претседател Лула да Силва, Селсо Аморим посочи дека „во сите вистински преговори мора да бидат вклучени сите страни“, вклучително и Русија.

– Иако Украина е најголемата жртва, ако навистина сакаме мир, мораме на еден или друг начин да ја вклучиме Москва во овој процес – наведе Аморим.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски истакна дека украинската делегација го претставила својот мировен план од десет точки, кој предвидува целосно повлекување на руските трупи од украинска територија.

Претходно, Украина, заедно со САД, го критикуваа Ријад поради заедничкото спроведување на нафтената политика со Русија, чија цел е зголемување на цените на светските пазари, што е во корист на Москва, која е под санкции на Западот.