Лондон – Поради забрзаното зголемување на бројот на нови случаи на ковид-19, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, размислува за воведување нов карантин во земјата. Како што пренесува Би-би-си, бројот на нови инфекции во Велика Британија се зголемува најмалку за 6.000 на ден, а бројот на пациенти што се примени во болница поради коронавирусот се удвојува на секои осум дена. Според наодите на главните медицински експерти на британската влада, се очекува деновиве да се објави дека земјата се наоѓа во критична точка на пандемија пред многу предизвикувачкиот зимски период.

Минск – Полицијата во Белорусија приведе десетици демонстранти што излегоа вчера на протестен марш во главниот град Минск. Демонстрантите бараат оставка од претседателот Александар Лукашенко. Во Белорусија повеќе од еден месец траат протестите оти демонстрантите ги оспоруваат резултатите од претседателските избори на 9 август, со кои Лукашенко беше прогласен за победник.

Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп, во повеќе наврати изјави дека „заспаната“ демократска претседателска надеж Џо Бајден е ментално неспособна да ги предводи САД, додека Бајден јавно ги презентира своите медицински досиеја во кои се опишува како „здрава“ и „енергична“ личност, јави Ројтерс. Говорејќи на предизборен митинг во Северна Каролина, Трамп им порача на гласачите дека може да издаде извршна наредба за да спречи Џо Бајден да биде кандидат за негов противник на претстојните избори на 3 ноември.

Берлин – Полицијата во германскиот град Дизелдорф се подготвува да распореди многу полицајци на протестите што се закажани за денеска подоцна, на кои треба да протестираат критичарите на мерките наметнати за контрола на ширењето на коронавирусот. Протестот во Дизелдорф е во организација на регионалната група „Кверденкен“, која организираше големи протести во Берлин. Организаторите велат дека очекуваат дури 50 илјади учесници.