Дмитро Кулеба/Фото: Влада на Украина

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, денеска телефонски разговараше со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за претстојниот самит на НАТО во јули во Вилнус и за членството на Украина во оваа организација.

– Позицијата на Украина е јасна: создавање совет НАТО-Украина без силен чекор кон членство е како обезбедување тенк без митралез. На НАТО му е потребна Украина како сојузник, а не само привилегиран партнер – напиша Кулеба на Твитер.

Тој и се заблагодари на министерката Бербок за досегашната поддршка од Германија.

Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг денеска на прес-конференција во Брисел најави дека состанокот на министрите за одбрана на НАТО на 15 јуни ќе почне со состанок на Советот НАТО-Украина, на кој министерот за одбрана на Украина Алексеј Резников и сојузниците од НАТО ќе разговараат за ситуацијата на теренот и за повеќегодишниот пакет за поддршка за Украина.