Фото: Претседател на Русија

Претседателот Владимир Путин е отворен за разговори за можното решение во Украина, но одбивањето на САД да ги признаат анектираните територии како руски ја кочи потрагата по потенцијален компромис, соопшти денеска Кремљ.

– Претседателот на Руската Федерација секогаш бил, е и останува отворен за преговори за обезбедување на нашите интереси – изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите на прашањето за изјавите на американскиот претседател Џо Бајден.

Тој додаде дека „најпосакуваниот начин да ги постигнеме нашите интереси е преку мирни, дипломатски средства“.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин доколку тој покаже дека е заинтересиран да стави крај на војната што ја води во Украина.

Бајден истакна дека Путин „ сè уште не го сторил тоа“.