Фото: Бајден/инстаграм

Американскиот претседател Џо Бајден на синоќешниот голем предизборен митинг во Филаделфија пред конгресните избори во вторник изјави дека ова ќе биде „одлучувачки“ момент за иднината на американската демократија.

– Демократијата е буквално на гласачкото ливче. Ова е одлучувачки момент за нацијата и сите ние треба да зборуваме со еден глас – рече лидерот на демократите од сцената во Филаделфија за поддршка на кандидатите на Демократите во Пенсилванија.

На предизборниот митинг, освен кандидатот на Демократите за Сенатот, зборуваше и поранешниот претседател Барак Обама.

Оваа држава ќе биде клучна на изборите на 8 ноември, бидејќи исходот од гласањето може да резултира со преземање на контролата врз Конгресот од страна на републиканците.

Среднорочните избори во САД се одржуваат на секои четири години на средината на секој претседателски мандат и оваа година вклучуваат избори за сите 435 места во Претставничкиот дом, 35 од 100 места во Сенатот и 36 од 50 државни гувернери, како и бројни други локални функции и предлози за гласање.