Фото: Пекселс

Извор: Вашингтон пост

Колку е веројатно да се намали американската поддршка за Украина? Дали исходот од ноемвриските среднорочни избори може да ги доведе Американците до промена на ставот кон Украина? Републиканците би можеле да ја намалат поддршката за Киев. Загриженост и во Европа.

Дали резултатот од ноемвриските среднорочни избори во САД може да ги доведе Американците до промена на ставот кон Украина? Тоа е прашањето на кое моментално се обидуваат да одговорат многу аналитичари од двете страни на Атлантикот, имајќи предвид што може да се очекува по изборите на 8 ноември.

Според анкетите, најверојатно републиканците ќе ја вратат контролата врз Конгресот, обезбедувајќи мнозинство во двата дома: Претставничкиот дом и Сенатот.

Има знаци дека работите навистина ќе бидат поинакви во Конгресот под контрола на републиканците, забележува политичкиот веб-магазин „Гзеро“ во анализата во обид да одговори на прашањето: „Дали опаѓа американската поддршка за Украина?“

Водачот на републиканците во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, неодамна изјави дека деновите кога САД ѝ даваа „бланко-чек“ на Украина се „завршени“.

Ова, се разбира, не значи дека САД веднаш ќе престанат да го поддржуваат Киев. На крајот на краиштата, самите републиканци досега дадоа поддршка за најголемиот дел од помошта што Вашингтон ѝ ја испрати на Украина. Во истата насока, лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, зазеде став во корист на продолжување на обезбедувањето помош за Украина. Меѓутоа, во иднина таа американска помош би можела да биде ограничена, особено ако републиканците ја вратат контролата врз Конгресот, како што се очекува.

Такво нешто може негативно да се одрази и на идниот став на Европејците, на кои досега им беше прилично „удобно“ кога САД преземаа најголем дел од поддршката за Украина. Доколку САД ја намалат поддршката, тогаш најверојатно европските лидери ќе тргнат во слична насока. Според некои анализи, Европејците немаат ниту фискални и енергетски маргини, ниту политичка волја потребна да го преземат водството во одбраната на Украина.

Вреди да се напомене дека голем дел од парите, кои Европејците ги договорија за Украинците, сè уште не се дадени. На пример, од ветените 11 милијарди евра за финансиска помош од ЕУ, досега се дадени само 3 милијарди евра.

„Сојузниците на САД во Европа сè повеќе се загрижени дека обединетиот фронт претставен од Западот како одговор на руската инвазија на Украина може брзо да се распадне доколку републиканците победат на среднорочните избори следната недела. Збирно, сојузниците на Украина ветија повеќе од 93 милијарди долари воена, економска и хуманитарна помош, а лавовскиот дел доаѓа од САД. Но, по коментарите на Кевин Мекарти дека Претставничкиот дом контролиран од републиканците нема да продолжи да дава „бланко-чек“ за Украина, властите и во Киев и во Западна Европа почнаа да се прашуваат дали Украина може да продолжи да смета во САД“, пишува „Вашингтон пост“.

Се нагласува дека парите што Конгресот ги испраќа надвор од американските граници мора да поминат низ соодветниот Комитет (Комитет за доделување средства) на Претставничкиот дом.

„Мекарти (шеф на републиканците во Домот) навестува дека Домот под контрола на републиканците може да се спротивстави на поголема помош за Украина“, беше насловот на написот објавен пред неколку дена во „Вашингтон пост“.

Од друга страна, дури и ако републиканците одлучат да ја намалат помошта за Украина, администрацијата на демократот Џо Бајден може да продолжи воено да го поддржува Киев до крајот на 2023 година преку законодавството за заеми од 2022 година (иронично, тоа беше Ленд-лиз законодавен модел кој им овозможи на Американците воено да го поддржат Советскиот Сојуз против Хитлер за време на Втората светска војна).