Кина започна дводневни воени вежби во морето и воздушниот простор околу островот Тајван, јавуваат кинеските државни медиуми.
Државната новинска агенција „Ксинхуа“ соопшти дека Источната команда на Народноослободителната војска започнала со вежби во четвртокот навечер во Тајванскиот теснец и северниот, јужниот и источниот дел на Тајван, како и областите околу островите Кинмен, Мацу, Вукиу и Донгин.
Воениот портпарол полковник Ли Кси рече дека вежбите, во кои учествуваат армијата, морнарицата, воздухопловните сили и ракетните сили, се „силна казна за сепаратистичките акти на силите кои се залагаат за „независност на Тајван“ и строго предупредување против мешање и провокација од страна на странски сили. “ – се вели во соопштението на официјалната кинеска платформа за размена на пораки „Weibo“.
Демонстрацијата на сила, со кодно име „Заеднички меч-2024А“, доаѓа три дена откако новиот претседател на Тајван, Вилијам Лаи Чинг-те положи заклетва и го повика Пекинг да престане да го „заплашува“ островот, за кој Кина тврди дека е свој.
Пекинг не ја отфрли можноста за употреба на сила за да ја постигне својата цел за обединување и луто реагираше на инаугурацијата на Лаи, човек што го смета за „сепаратист“.
Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека ја ставило војската во „висока готовност“ како одговор на вежбите на Кина, кои ги опиша како „ирационални провокации и дејствија кои го поткопуваат регионалниот мир и стабилност“.