Фото: Фејсбук/Николас Мадуро

Во пресрет на десетгодишнината од вледеењето на венецуелскиот претседател

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро (60) ја очекува десетгодишнината од неговото назначување на функцијата, држејќи контрола над јужноамериканската држава, и покрај бројните предизвици со кои се соочи, пишува „Фајненшл тајмс“.

Мадуро ќе ја дочека годишнината, наспроти напорите за негова смена од бројни западни лидери. Пред три години, САД и други западни влади го прогласија опозиционерот Хуан Гваидо за легитимен претседател во обид да го соборат Мадуро од власт. Но, обидот со Гваидо пропадна, остававајќи ги западните влади без избор, освен за неволно прифаќање на Мадуро.

Поранешната министерка за надворешни работи на Колумбија, Марија Ангела Холгуин, вели дека властите во САД и ЕУ, како и венецуелската опозиција, го потцениле Мадуро.

– Тој не е будала. Тој е добро советуван и помогнат од глупавите грешки на неговите непријатели – истакна Холгуин.

Поранешниот возач на автобус и синдикален активист кој доби политичка обука на Куба, се покажа како издржлив лидер. Неговата влада ставена под санкции од САД и ЕУ, издејствува поблиски врски со клучните сојузници – Русија, Кина, Куба и Иран. А венецуелската војска исто така има силни поддржувачи, меѓу кои се рударите на злато, шверцерите на кокаин и герилците-марксисти, според тврдењата на американските власти.

Фото: Фејсбук/Николас Мадуро

Земајќи го предвид неуспехот на кампањата за „максимален притисок“ врз Мадуро, водена од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, чија цел беше да го собори венецуелскиот лидер од власт, напорите сега се насочени кон убедување на Мадуро да влезе во преговори за организирање на слободни претседателски избори в година. Но, напредокот е незначителен, според британскиот весник.

– Мадуро не влегува во преговори бидејќи смета дека е во подобра позиција и може долго време да ги користи преговорите. Ако сте Мадуро, мислите дека нема потреба за отстапки во догледно време – смета Мајкл Мекинли, поранешен дипломат од Стејт департментот.

Наспроти доближувањето на инфлацијата до 14 илјади отсто, Мадуро беше реизбран во 2018 година на изборите бојкотирани од опозицијата, чии изборни резултати беа непризнаени од САД и ЕУ.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден исто така беше расположена да ја остави зад себе пропаднатата стратегија за „максимален притисок“ на Трамп. Особено откако војната во Украина поттикна потреба за нови извори на нафта. Во март минатата година, тројца претставници на американската власт, вклучувајќи го советникот на Бајден за Јужна Америка, Хуан Гонзалес, отпатуваа за Каракас на разговори со Мадуро за олеснување на санкциите врз јужноамериканската држава. Во тоа време, САД имаа распишана потерница за Мадуро вредна 15 милиони долари. По преговорите дојде до размена на затвореници, а САД дозволија ограничена продажба на нафта од Венецуела преку „Шеврон“.

Десет години од доаѓањето на власт, позицијата на Мадуро делува поцврсто отколку кога било претходно, и покрај сиромаштијата со која се соочува венецуелскиот народ.

Вашингтон и Брисел се надеваат дека политиката на „морков или стап“ со поголемо меѓународно прифаќање или санкции ќе го поттикнат Мадуро за одобрување на одредени реформи што би ѝ дале шанси на опозицијата. Но малкумина се оптимисти дека ваквата намера ќе успее, заклучува „Фајненшл тајмс“.


„Златен мост“ во замена за слободни избори

Во идеалното сценарио, на Мадуро и на неговите најблиски соработници би им бил понуден „златен мост“ за напуштање на државата или дури би можеле да останат во Венецуела без да бидат законски прогонети, во замена за слободни избори и гаранции за политичко учество за поразената страна. Но најверојатното сценарио е дека Мадуро ќе преговара за неколку реформи, а потоа ќе одржи контролирани избори на кои ќе победи, вели поранешниот колумбиски претседател Хуан Мануел Сантос.