Илустрација / Фото: Принтскрин/„Ај-ти-ви њуз“

Израелската армија за неколку дена ја одложи големата копнена инвазија на Појасот Газа под контрола на радикалното палестинско движење поради неповолните временски услови, јави ДПА, повикувајќи се на информации од американските медиуми.

Копнената офанзива на Израел требаше да започне овој викенд, најчесто се спомнуваше вчерашната вечер, но беше одложена за неколку дена, делумно поради прогнозите за облачно време, објави „Њујорк Тајмс“. Тоа би им отежнало на пилотите на израелските воени авиони и беспилотни летала да го поддржат од воздух движењето на копнените сили, додаваат медиумите, цитирајќи тројца анонимни високи израелски офицери.

Целта на Израел е да го уништи политичкото и военото раководство на радикалното палестинско движење Хамас, кое истрела илјадници ракети на израелска територија, а стотици негови борци упаднаа во неа преку соборени гранични огради во невиден ненадеен напад утрото на 7 октомври. Загинаа 1.300 луѓе.

Израел одговори со воздушни напади врз крајбрежната енклава, при што досега се убиени повеќе од 2.200 луѓе, јави ДПА, додавајќи дека зачестиле сигналите за претстојната копнена инвазија. „Њујорк тајмс“ предвидува дека ваквата операција ќе го втурне Израел во војна со месеци, бидејќи борците на Хамас се кријат во бункери, а мрежата од подземни тунели што им се познати во северниот дел на Појасот Газа е со вкупна должина од стотици километри.

Според израелските воени експерти, борците на Хамас постепено ќе креваат во воздух тунели за да ја попречат израелската офанзива додека еврејските воени единици се приближуваат кон палестинските позиции. Освен со пешадија, Израел ќе напредува и со тенкови, додава „Њујорк Тајмс“.

Израелската армија утринава соопшти дека убила уште еден командант на командосите на Хамас, кој минатиот викенд ги предводеше нападите врз населените места Нирим и Нир Оз во јужниот дел на Израел.

Билал ал Кедра, командант на т.н од единицата Нухба на јужниот баталјон Кан Јунис, беше убиен во воздушен напад благодарение на разузнавачките напори на израелската безбедносна служба Шин Бет и военото разузнавање, објавија израелските медиуми.

Уште неколку членови на исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Појасот Газа, и Исламскиот џихад се убиени синоќа во Појасот Газа, соопшти израелската армија.

Се наведува дека биле погодени повеќе од 100 цели, вклучувајќи командни центри на Хамас, воени комплекси, десетици ракетни лансирни рампи, локации за лансирање противтенковски ракети и набљудувачки пунктови и командни центри на Исламскиот џихад.

Војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас, во која загинаа илјадници луѓе, почна пред девет дена.