Фото: ЕПА

Италијанската полиција разби криминална мрежа која се занимавала со трговија со луѓе и која, користејќи луксузни автомобили, шверцувала кинески мигранти во Италија.

По пристигнувањето во Италија, на мигрантите им биле одземени пасошите и тие биле третирани како робови.

– Шверцерите ги претставувале мигрантите како азиски државјани, скапо облечени, со мал багаж, кои патуваат во скапи автомобили, а ги превезувале кинески државјани кои со години живееле во Италија и зборувале италијански – се вели во соопштението на полицијата, пренесува Гардијан.

Полицијата уапси девет наводни членови на криминалната мрежа и идентификуваше 77 мигранти без документи, од кои многу се жени и малолетници на возраст од 15 до 18 години.

Случајот го привлече вниманието на полицијата откако кинески државјанин бил запрен на границата меѓу Италија и Словенија при рутинска царинска контрола. Откриено е дека превезува четворица Кинези без документи.

Истрагата покажа дека има континуиран проток на нерегуларни кинески државјани кои во мали групи пристигнувале во земји како Србија во кои влегувале без визи, а од таму (од Србија) со автомобили пристигнувале преку Босна, Хрватска и Словенија, до италијанската државна граница.