фото : МИА

Група од 20-на Авганистанки протестираа денеска во Кабул, извикувајќи „леб, работа, слобода“, против ограничувањата наметнати од талибанците на жените и нивната слобода во Авганистан.

Откако се вратија на власт во август минатата година, талибанците, исламистичките фундаменталисти, постепено ги лишуваат жените од слободите што ги освоија во последните 20 години од падот на претходниот талибански режим (1996-2001).

„Училиштето е мое право. Повторно отворете ги училиштата“, скандираа демонстрантките, собрани пред Министерството за образование, од кои повеќето носеа превез на лицето.

Тие пешачеле неколку стотици метри пред да бидат запрени од Талибанци во цивилна облека кои дошле да ги спречат демонстрациите, јавија западни медиуми.