Светската банка денеска ги намали прогнозите за раст за 2023 година на ниво кое е на работ на рецесија за многу земји, наведувајќи го влијанието на засилените зголемувања на каматните стапки, продолжувањето на војната во Украина и колапсот на главните мотори на глобалниот економскиот раст.
Глобалниот бруто домашен производ се очекува да порасне за 1,7 отсто во 2023 година, што, без рецесиите од 2009 и 2020 година, е најниската стапка во речиси три децении, се вели во извештајот на Светска банка.
Во претходниот Извештај за глобалните економски изгледи, објавен во јуни 2022 година, банката прогнозираше глобален раст во 2023 година од 3,0 проценти.
Сепак, како што е соопштено, има големо забавување во развиените економии, вклучително и прогнозираните остри намалувања од 0,5 отсто и за САД и за еврозоната, што може да навести нова светска рецесија помалку од три години по минатата.
– Со оглед на чувствителните економски услови, секое дополнително негативно влијание, како што е инфлација повисока од очекуваната, наглото зголемување на каматните стапки за нејзино смирување, повторното оживување на пандемијата ковид-19 или ескалација на геополитичките тензии – може да ја турнат глобалната економијата во рецесија – предупредува Светската банка.
Темната перспектива ќе биде особено тешка за пазарите и економиите во развој, бидејќи тие се борат со големиот товар на долгови, слабеењето на валутите и растот на приходите, како и забавувањето на деловните инвестиции, кои се предвидува дека ќе растат со годишна стапка од 3,5 проценти во наредните две години, што е за половина пониско отколку во последните две децении.
– Забавувањето на растот и деловните инвестиции ќе имаат поразителни последици врз образованието, здравството, сиромаштијата и инфраструктурата, вклучително и зголемените барања од климатските промени – рече претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас во изјавата.
Растот на Кина во 2022 година падна на 2,7 oтсто, што е втор најнизок резултат од средината на 1970-тите, со исклучок на 2020 година, кога наспроти пандемијата со Ковид-19 дојде до превирања на пазарот на недвижнини и сушата кои ја погодија потрошувачката, производството и инвестициите, се вели во извештајот на Светска банка.
Се предвидува закрепнување на растот до 4,3 отсто за 2023 година, што е за 0,9 процентни поени под јунската прогноза.
Светска банка забележува дека некои инфлаторни притисоци почнаа да се намалуваат кон крајот на 2022 година поради пониските цени на енергијата и суровините, но и покрај новите ризици основната инфлација може да потрае.
Ова може да доведе до тоа централните банки да реагираат со зголемување на каматните стапки повеќе од очекуваното во моментов, што дополнително ќе го забави глобалниот економски раст, се додава во соопштението.
Светска банка побара поголема поддршка од меѓународната заедница за земјите со ниски приходи кои се изложени на зголемен ризик од должничка криза.
Потребни се нови финансиски концесии и грантови заедно со искористување на приватниот капитал и домашните ресурси за да се помогне во зголемувањето на инвестициите во климатската адаптација, човечкиот капитал и здравјето, се вели во извештајот.
Одборот на извршни директори на Светска банка оваа недела ја разгледува новата „развојна мапа на патот“ за институциите во насока на проширување на кредитните капацитети насочени на климатските промени и другите глобални кризи.