Секој шести жител на Европската Унија на возраст од 16 години и повеќе секојдневно користи тутунски или други никотински производи, покажуваат најновите податоци на Евростат. Иако употребата останува висока, во 2025 година е забележано благо намалување во споредба со 2022 година.
Според статистиката, 16,5 проценти од населението во ЕУ секојдневно користи цигари, електронски цигари, никотински кесички или производи со загреан тутун, додека во 2022 година тој удел изнесувал 17,5 проценти.
Највисока стапка на секојдневна употреба е регистрирана во Бугарија – 26,3 проценти, додека најниска има Холандија со 9,9 проценти.
Податоците покажуваат дека никотински производи секојдневно користат 20,8 проценти од мажите и 12,6 проценти од жените. И кај двете групи е забележано мало намалување во однос на 2022 година.
Најголем удел на секојдневни корисници има кај лицата на возраст од 35 до 49 години, каде што 21,3 проценти редовно користат тутунски или сродни никотински производи.
































