Додека ЕУ вели дека најголемиот дел од нејзиниот течен природен гас (ЛНГ) е купен од САД, Катар и од Нигерија, тој често се продава на берзи каде што договорите се без никаква референца за потеклото. Втората и, веројатно, поважна област на загриженост е подолгорочна. Иако Европа можеби делумно ја отфрли промената преку трговската политика со Русија, таа сè уште се потпира на други земји во увозот на енергија

Иако Европа полека се разделува со последните летни топли денови, мислите на европските политичари се свртени кон претстојната зима и грижата околу тоа како да се обезбедат доволно енергенти за своите држави со оглед на добро познатата ситуација околу снабдување со гас. Но, според најновите извештаи што доаѓаат од Европската заедница, се чини дека земјите на Унијата ќе немаат големи грижи зимава. Имено, според официјалните извештаи, ЕУ во целина ја достигна својата цел за пополнетост на резервите со гас на 90 отсто до средината на август, неколку месеци пред крајниот рок од 1 ноември, пренесуваат медиумите, кои во Брисел имаа можност да дојдат до документите.
Дополнително со пополнувањето на резервите, Европа значително ги диверзифицираше своите извори на енергија. Меѓутоа, колку и да се импресивни овие достигнувања, официјалните лица и аналитичарите се плашат дека енергијата на Европа е далеку од безбедна на долг рок, па затоа се прават дополнителни анализи и процени за да се најде долгорочно решение.
Од моментот на заострување на руско-украинскиот конфликт, Европа знаеше дека наскоро ќе мора се соочи со многу комплицирани прашања, а најважното од нив беше дали континентот може да се одвикне од рускиот гас, во случај да биде прекината неговата испорака како одговор на поддршката за Украина. За Европа, енергетската безбедност отсекогаш била компромис меѓу евтината и увезена енергија од една страна и ризикот од зависност од земјите од кои ја набавува енергијата.
Официјалните лица првично шпекулираа дека долгата студена зима во 2022-2023 година може да ја принуди Европа да ги ублажи политиката и санкциите кон Москва. Впрочем, развиените земји од Европската Унија не можеа да си дозволат своите граѓани да смрзнуваат поради настаните во Украина, објави деновиве Си-ен-ен. Но, како што се укажува во анализата, во комбинација од среќа, планирање и поддршка на Украина, енергетската војна, која се сметаше за главен адут на Русија, стана „неупотреблива“. Дополнително, топлата зима и помалата потрошувачка на гас се сметаа како адути што ќе ѝ остават простор на Европа да ја преиспита својата политика, која се базираше на претпоставка дека Русија ќе се приспособи на западните вредности во замена на готовина.

Првиот чекор беше намалување на увозот од Русија. Во 2021 година, една година пред војната во Украина, околу 45 отсто од гасот што се увезуваше во ЕУ доаѓаше од Русија. Во Германија тој учествуваше со 52 отсто. Според податоците на ЕУ, во првиот квартал во 2023 година, Русија учествуваше само со 17,4 отсто од вкупниот увоз на гас во ЕУ. Вториот чекор беше да се искористи топлата зима и да се наполнат резервите со гас за подготовка на претстојната грејна сезона 2023-2024 година. Резервите на гас во Европа за годинава се полни и затоа постои консензус дека Кремљ нема да може да ја искористи енергијата на начин за да ја смени европската одлучност против Москва и во поддршката на Украина.
Во такви околности, најнепосредна точка за загриженост е тоа што за цела Европа го диверзифицираше својот увоз на гас, но голем дел од моменталните резерви на гас е течен природен гас (ЛНГ).
– ЛНГ е толку очигледно решение што стана приоритет, но бидејќи ЛНГ е исто така толку флексибилен и може полесно да се тргува, а потешко е да се следи неговото потекло, тоа значи дека индиректно дел од ЛНГ може да дојде од Русија, така што придонесува за одржување на нивните приходи – вели Милан Елкербаут, научен соработник во Центарот за европски политички студии.
Додека ЕУ вели дека најголемиот дел од нејзиниот ЛНГ е купен од САД, Катар и од Нигерија, тој често се продава на берзи каде што договорите се без никаква референца за потеклото. Втората и, веројатно, поважна област на загриженост е подолгорочна. Иако Европа можеби делумно ја отфрли промената преку трговската политика со Русија, таа сè уште се потпира на други земји во увозот на енергија.

Еден од начините на кои ЕУ се надева да се ослободи од енергетската зависност е преку нејзиниот Зелен договор, планот со кој Европа треба да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година. Се разбира, огромните инвестиции во обновливи извори на енергија и чист транспорт, исто така, ќе одиграат огромна улога.
Првата голема пресвртница во Зелениот договор е емисиите на стакленички во ЕУ да се намалат за 55 отсто пред 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година. Критичарите сѐ повеќе се загрижени дека бавниот напредок за постигнување на оваа цел, покрај огромните трошоци за поединечни земји-членки, ќе бидат неопходни свртувања погледи и кон друг странски извор за помош на енергетската транзиција, пред се кон Кина.
Малкумина во Брисел се со став дека односот на ЕУ со Пекинг во моментов е задоволителен. Претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лејен, неодамна го смени своето гледиште за Кина, зборувајќи за деталите од потребата за се „отстрани ризикот“ во односите со оваа земја. Таа се согласува дека многу планови на Европа ќе се остварат најдобро во партнерство со Кина, вклучувајќи ги и нивните амбиции за зелена Европа.
Заканата, како што некои ја гледаат, е дека Кина стратегиски се направи себеси клучен играч веќе во многу технологии и критични суровини, кои се од суштинско значење за зелената транзиција.
– Кина ја започна својата индустриска стратегија за зелена енергија пред околу 15 години. Тие го направија тоа толку добро, обезбедувајќи ги природните ресурси како литиум за батерии, челик за турбини на ветер и веќе изградија производствен капацитет за да ја направат целата оваа опрема – вели Адам Бел, поранешен службеник за енергија на Обединетото Кралство.