Владите на земјите од Европската Унија денеска начелно се договорија да ја ограничат цената на руската нафта која доаѓа по морски пат на 60 долари за барел, јави Ројтерс повикувајќи се на изјава на неименуван дипломат од ЕУ.
Според него, ценовната граница би се имплементирала со примена на механизам за корекција што треба да ја задржи горната граница на цената на 5,0 отсто под пазарната цена.
Полска, која се залага за многу построга граница на цените, има рок до 15:00 часот по Гринич да го прифати договорот, кој потоа ќе биде одобрен од сите влади на ЕУ во писмена процедура до петок, додаде изворот на Ројтерс.
„Блумберг“, исто така, објави дека е постигнат рамковен договор за ограничување на цената на 60 долари.
Њујоршката агенција забележува дека ЕУ е во ќорсокак по ова прашање од минатата недела, бидејќи Полска, Естонија и Литванија инсистираа дека првично предложената граница од 65-70 долари за барел е „премногу дарежлива“ за Москва и наместо тоа, треба да се постави на 30 долари.
Од друга страна, големите поморски земји, вклучувајќи ги Грција, Малта и Кипар, се залагаа лимитот да биде поставен на околу 70 долари за барел.