Европската Унија (ЕУ) гради бункер вреден осум милиони евра во Брисел, во кој европските лидери ќе можат да разговараат за осетливи прашања, безбедни од разузнавачите што сакаат да ги разоткријат нивните планови, објави бриселскиот портал „Еуобзервер“ повикувајќи се на меморандум што го опишува проектот, а во кој неговите новинари имале увид.
Бункерот ќе може да прими околу 100 луѓе, односно до 34 лидери и дополнителен персонал. Предвидено е просторијата да се користи и за состаноци од пониско ниво на кои ќе учествуваат претставници на ЕУ.
Просторијата за состаноци и кабините ќе бидат обезбедени во т.н. заштитен кафез според стандардите на НАТО во кој електромагнетните и радиобрановите ќе можат да бидат пресретнати, за да се „намали ризикот за истекување на осетливи информации“.
Сите со пристап во бункерот ќе мора да добијат безбедносно одобрување наречено „тајна ЕУ“ (од второ највисоко ниво во Унијата). Тоа ги опфаќа информациите што можат сериозно да им наштетат на интересите на ЕУ, ако протечат надвор.
Бункерот нема да има пристап до интернет, но ќе биде опремен со конференциска технологија и микрофони поврзани со обезбедени кабини за 30 преведувачи.
Бункерот ќе биде „чешлан“ пред и за време на состаноците за да открие и неутрализира апарати за прислушување. Сета нова опрема, како и мебел, што ќе се внесуваат во бункерот ќе бидат подложни на инспекција.
Се очекува бункерот да биде изграден до 2024 година во комплексот на Европскиот совет во Брисел, каде што веќе се одржуваат самити. Точната локација уште не е одредена.
Истовремено, „Политико“ објави дека европските пратеници планираат низа мисии за прибирање на податоци во земји-членки на ЕУ за да откријат како шпионскиот софтвер, како што е „Пегаз“ се користи и потенцијално злоупотребува низ Европа.