Фото: Принт-скрин

Владата на Етиопија денеска прогласи „неограничено хуманитарно примирје“ во завојуваниот регион Тиграј, наведувајќи дека тоа е неопходно за непречено доставување помош во областа.

– Владата ја повикува донаторската заедница да го удвои својот дарежлив придонес за ублажување на ситуацијата и ја повторува својата посветеност да работи со релевантните организации за да се забрза обезбедувањето хуманитарна помош за оние на кои им е потребна – се вели во соопштението.

Во соопштението се додава дека силите од Тиграј мора да возвратат со примирје за да се подобри хуманитарната ситуација во регионот.

Владата ги повика борците лојални на водачите на пребеганите сили од Тиграј „да се откажат од сите акти на понатамошна агресија и да се повлечат од областите што ги окупираа во соседните региони“.

Засега не е јасно дали хуманитарниот прекин на огнот е чекор кон сеопфатен прекин на огнот.