Борис Џонсон на пат кон Киев/Фото: Твитер

Британскиот премиер го посети Киев сред скандалот „партигејт“

Украинците не ја следеа сагата за британскиот скандал „Партигејт“, но денешната посета на британскиот премиер Борис Џонсон на Киев побуди одреден интерес за актуелните случувања во Лондон, пишува британски „Индипендент“.

Џонсон кој попладнево пристигна во Киев, требаше да има телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин по повод украинската криза, пред денешната средба со украинскиот претседател Владимир Зеленски. Но телефонскиот разговор беше одложен за утре, бидејќи британскиот премиер беше во парламентот поради извештајот за прекршувањето на прописите на забавите во неговиот кабинет, за време на карантинот во Британија. Џонсон се наоѓа под голем притисок на домашната јавност поради скандалот познат како „Партигејт“ предизвикан од забавите во Даунинг стрит, што се заканува да ја загрози неговата политичка кариера.

Можеби и најголемиот удар врз репутацијата на Џонсон зададе протечената видеоснимка од декември минатата година, на која соработници од неговиот кабинет се шегуваат за прекршување на ковид-прописите на божиќна забава. Британија во тоа време беше во строг карантин со забрана за божиќни собирања. Пред објавувањето на снимката, Џонсон здушно негираше дека има какво било кршење на прописите во текот на Божиќ.

– Во Украина несомнено постои чувство на благодарност поради оружјето со кое Обединетото Кралство го снабди Киев, како и надеж дека британската поддршка нема да се намали поради насоченоста кон домашните британски проблеми – се наведува во анализата на „Индипендент“.

Џонсон вчера порача дека Путин треба да отстапи од работ, додавајќи дека „било каков упад во Укрина би бил потполна катастрофа за светот, и пред сѐ , за Русија“.

– Штета е што Борис Eлцин веќе не е руски лидер, тој сакаше да се забавува, тој и вашиот Борис ќе се согласуваа добро заедно. Можеби сиот страв од војна ќе беше ублажен со неколку пијачки – кажа 33-годишниот бизнисмен Николај Олиник, за британскиот весник, спомнувајќи го поранешниот руски претседател Борис Елцин по повод посета на Џонсон на Украина.

Дел од руските медиуми ги поврзаа обвинувањата со кои Џонсон се соочува поради скандалот Партигејт“, со неговата посета на Украина и со неговите ставови за Русија, тврдејќи дека британскиот премиер сака да го одврати вниманието од домашните проблеми и да го задуши скандалот.