Фото: Принтскрин

На Кримскиот мост, кој го поврзува руското копно со анектираниот полуостров Крим, утрово експлодира камион, при што се запалиле седум цистерни со гориво во воз што во тој момент минувал таму, соопшти рускиот национален антитерористички комитет. Руската агенција РИА јави дека резервоар за гориво експлодира рано изутрина.

„Камион што доаѓал од полуостровот Таман експлодирал денеска во 6 часот и 7 минути на патниот дел од мостот Крим, при што се запалиле резервоарите со гориво во возот што сообраќал во правец на полуостровот Крим“, се наведува во соопштението.

Фото: Принскрин

Во исто време медиумите во Украина јавија за експлозија. Според нив, експлозијата одекнала околу 6 часот по локално време. Сообраќајот на патниот и железничкиот мост што го поврзува Крим со руската транспортна мрежа е во прекин.

Советникот на претседателот на Украина, Михаило Подољак, со слика од мостот објави порака на Твитер и напиша „почеток“, но не ја призна украинската одговорност.

– Крим, мостот, почеток. Сè што е нелегално мора да биде уништено, сè што е украдено мора да се врати во Украина – напиша Подољак.

Мостот долг 19 километри е стратешки важен за руските сили, затоа што го поврзува рускиот регион Краснодар со полуостровот Крим, кој Кремљ го анектира во 2014 година. Рускиот претседател Владимир Путин го отвори мостот во 2018 година, откако Крим беше анектиран од Украина во 2014 година, што пак доведе до санкции и влошување на односите со Западот.