Двојниот удар на зголемените животни трошоци и падот на вредностите на домовите ги поттикнаа потрошувачите да ги намалат своите трошоци, создавајќи дополнителни проблеми. Шведска сега е изложена на ризик да западне во најдлабоката рецесија од сите 27 земји што ја сочинуваат Европската Унија

Шведска се соочува со остар пад на пазарот на недвижности што се заканува да го продлабочи претстојниот економски пад. Она што посебно загрижува е сознанието дека падот на пазарот на недвижности ги затекна граѓаните неподготвени, особено што беа навикнати на повеќедеценискиот бум на пазарот, поттикнат од евтините кредити и недостигот од станови.
Сега цените на куќите се намалени за дури 12 отсто од својот врв на почетокот на оваа година, а кога ќе се приспособат за сезонските варијации, тој пад ќе изнесува дури 15 отсто. Експертите предвидуваат дека доколку продолжат овие трендови, реалниот пад на цените би можел да надмине 20 отсто.
– Пазарот на недвижности минува низ „драматични промени“ – вели Аника Винс, водечка економистка на банката Нордеа.
Двојниот удар на зголемените животни трошоци и падот на вредностите на домовите ги поттикнаа потрошувачите да ги намалат своите трошоци, создавајќи дополнителни проблеми. Шведска сега е изложена на ризик да западне во најлошата рецесија од сите 27 земји што ја сочинуваат Европската Унија.
Нордиската земја не е сама во своите станбени проблеми. Откако пораснаа за време на пандемијата, новото зголемување на каматните стапки поттикнато од централните банки за борба против инфлацијата предизвика пад на глобалните вредности на средствата.
Специјализираните медиуми со посебно внимание го следат и го анализираат фактот што голем број на некогаш просперитетни пазари на домување, вклучувајќи ги и канадскиот, австралискиот и новозеландскиот, сега се во пад, а тоа е случај и во повеќе од десетина развиени економии.
На новонастанатата ситуација во Шведска се приспособуваат и експертите за недвижности. Во Стокхолм, каде што регулираниот пазар за изнајмување значи дека апликантите понекогаш треба да чекаат деценија и половина за да добијат стан, што доведува до тоа многу потенцијални изнајмувачи да станат купувачи наместо тоа, агентката за недвижности Ема Холст вели дека бројот на постигнати зделки е значително намален.

– Веќе не го продавате секој имот по првото разгледување, како што беше порано – изјави Холст, која работи во центарот на Стокхолм.
Куќите сега ги чекаат купувачите речиси трипати подолго од пред една година.
Податоците обезбедени од „Боли“, страница за огласи за недвижности, управувана од хипотекарниот заемодавач СБАБ, се добар показател за падот на некогаш просперитетниот пазар на недвижности во Шведска. Станува очигледно дека огласите сега остануваат нереализирани и на истата локација во огласникот, двојно подолго отколку пред една година.
Куќите во Стокхолм беа огласувани во просек по 40 дена, што е драстично полошо од 15 дена во текот на претходната година. Во најјужниот регион во земјата, Скане, времетраењето на рекламите се зголеми на 53 дена, во споредба со 18 една година порано.
Додека многу земји во ЕУ се борат со слични проблеми, шведскиот пазар на станови е меѓу најранливите. Околу 64 отсто од луѓето во 10-милионската земја поседуваат свои домови, но повеќето немаат долгорочни хипотеки со фиксна стапка, што ги прави ранливи на промените на каматните стапки.
По серијата зголемувања на каматните стапки од страна на шведската централна банка, економистите сега најмногу се плашат од падот на потрошувачката. Долгот на домаќинствата е повеќе од 90 отсто од бруто-домашниот производ на Шведска, што значи дека повисоките трошоци за задолжување ќе имаат сериозно влијание врз потрошувачката. Ова веќе почнува да се случува: продажбата на мало паѓа, а кредитниот раст забавува.
– Нема позитивни сигнали од домашната економија, особено не од домаќинствата или од пазарот на станови – додава Винс.
Доколку инфлацијата продолжи да се забрзува, ситуацијата на пазарот на недвижности може да стане уште потешка. Се шпекулира дека тековната инфлација би можела да ја натера шведската централна банка да ја зголеми каматната стапка од 2,5 на над 4,5 отсто.

– Доколку дојде до такво агресивно заострување, тоа може да доведе до дополнителни 10 отсто пад на вредноста на имотот – изјави Хелена Борневал, економистка во Свенска Ханделсбанкен.
За поединечни заемопримачи што се борат да го платат домувањето, нема многу добри опции, особено затоа што е многу ретко да се исплати хипотека во Шведска. Хипотеката е „последната работа што ќе престанете да ја плаќате“, рече Винс, напоменувајќи дека неплаќачите ја носат таа етикета до крајот на својот живот.
– Не е тоа како во делови од САД, каде што можете само да ги предадете клучевите и да заминете – додаде таа.

Ацо Каланоски специјално за „Нова Македонија“ од Гетеборг, Шведска