Фото: МИА (принтскрин)/ Илустрација

Делови од Пакистан изгледаат „како море“, изјави денеска премиерот Шехбаз Шариф по посетата на областите погодени од поплавите што покриваат дури една третина од јужноазиската земја каде бројот на загинати се искачи на 1.343 со 18 нови случаи.

– Околу 33 милиони од 220 милиони луѓе во земјата се погодени од катастрофата поврзана со климатските промени, која остави стотици илјади без покрив над главата и предизвика загуби од најмалку 10 милијарди долари – проценуваат официјални лица.

– Не би поверувале колкав е обемот на уништувањето таму, им рече Шариф на новинарите по посетата на јужната провинција Синд. Водата е насекаде, колку што досега окото. Тоа е како море – опиша тој.

Владата, која ја зголеми финансиската помош за жртвите од поплавите на 70 милијарди пакистански рупии (313,90 милиони долари), ќе купи 200.000 шатори за сместување на раселените семејства, додаде премиерот.

Шариф предупреди дека постои и закана  од појава на заразни болести кои се пренесуваат преку вода.

– Ќе ни требаат трилиони рупии за да се справиме со оваа катастрофа – посочи пакистанскиот премиер.

Обединетите нации побараа помош од 160 милиони долари за помош на настраданите од поплавите.

Многу од погодените од поплавите се од провинцијата Синд, каде што најголемото пакистанско слатководно езеро е опасно блиску до излевање.

Националните власти за справување со катастрофи соопштија дека осум деца загинале во изминатите 24 часа. Рекордни монсунски дождови предизвикаа поплави и топење на глечерите во северните планини во Пакистан.

Ситуацијата може дополнително да се влоши бидејќи се очекуваат нови врнежи во октомври, предупреди висок претставник на Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).

Светската здравствена организација објави дека на повеќе од 6,4 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош во поплавените подрачја.

Поплавите однесоа 1,6 милиони куќи, 5.735 километри патишта, 750.000 грла добиток и поплавија 809.370 хектари земјоделско земјиште.

Во Пакистан падна речиси 190 отсто повеќе дожд од 30-годишниот просек во јули и август и 466 отсто повеќе дожд од просекот во провинцијата Синд.