Фото: Твитер/Владимир Зеленски

Украинскиот претседател Владимир Зеленски го повика рускиот претседател Владимир Путин на преговори, пренесоа руските медиуми.

– Сакам да му пренесам порака на рускиот претседател,  борби се водат низ целата земја, да започнеме преговори, да спречиме луѓето да умираат – порача Зеленски.

Претходно Украина соопшти дека е подготвена да преговара за неутрален статус со Русија, но бара безбедносни гаранции.

– Украина отсекогаш оставала и остава простор за преговори, дури и сега, кога Русија тргна во масовна инвазија- изјави Михаил Подољак, советник на началникот на кабинетот на претседателот на Украина.

Украина бара гаранции, а Русија положување на оружјето за да преговараат

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека украинскиот претседател Владимир Зеленски лажел кога тврдел дека е подготвен да разговара за неутралниот статус на Украина, јавуваат руските агенции.

Шефот на руската дипломатија додаде дека не гледа можност Москва да ја признае сегашната украинска влада како демократска.

Лавров рече и дека „никој не планира да ја окупира Украина“.

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг, изразил подготвеност за преговори со Украина.

– Русија е подготвена да води преговори со Украина на високо ниво – рече Путин, пренесе кинеското Министерство.

Како што се посочува, претседателот на Кина за време на разговорите изјавил дека во ситуацијата околу Украина треба да се напушти менталитетот на Студената војна и да се почитуваат легитимните интереси на сите земји во сферата на безбедноста.

– Кина ја одредува својата позиција врз основа на суштината на самото украинско прашање. Потребно е да се напушти менталитетот на Студената војна, да се почитуваат правните интереси на сите земји во безбедносната сфера, а исто така преку преговори да се формира избалансиран, ефикасен и одржлив европски безбедносен механизам – рекол кинескиот лидер.