Израелските власти ветуваат дека „силно ќе го погодат непријателот“, како и дека Хезболах „ги преминал сите црвени линии“, обвинувајќи ја либанската милитантна група за ракетниот напад што се случи изминатиот викенд
Расте ризикот од воена ескалација по ракетниот напад врз Голан
Стравувањата за проширување на конфликтот на Блискиот Исток растат додека Израел ја разгорува реториката, најавувајќи жесток одговор на ракетниот напад од Либан во кој загинаа 12 млади Израелци на Голанската Висорамнина, што наиде на остри реакции низ светот. Израелските власти ветуваат дека „силно ќе го погодат непријателот“, како и дека Хезболах „ги преминал сите црвени линии“, обвинувајќи ја либанската милитантна група за нападот што се случи изминатиот викенд. Хезболах, пак, ја негираше одговорноста за нападот.
Најсмртоносен напад врз израелски цивили уште од 7 октомври
Израелската армија го нарече ракетниот напад на Голанската Висорамнина „најсмртоносниот врз израелски цивили“ уште од упадот на Хамас на 7 октомври, што претставуваше повод за тековните борби во Газа, а подоцна предизвика редовна размена на оган и преку либанската граница. Министерот за одбрана претходно во неделата го посети местото на нападот – Мајдал Шамс, чие население се Друзи што зборуваат арапски. Тој во таа пригода вети дека „ќе го погоди силно непријателот“, а премиерот Бенјамин Нетанјаху го прекина своето патување во САД за да се справи со кризата. По пристигнувањето во Израел, Нетанјаху присуствуваше на состанок на кабинетот за безбедност, по кој порача дека „Хезболах ќе плати висока цена“ за нападот, „каква што досега не платил“.
– Членовите на кабинетот ги овластија премиерот и министерот за одбрана да одлучат за начинот и времето на одговорот против терористичката организација Хезболах – соопштија од кабинетот на Нетанјаху по состанокот, без да дадат дополнителни детали.
Израел го обвини Хезболах за истрелување иранска ракета „фалак-1“, но милитантната група поддржана од Иран тврди дека нема поврзаност со инцидентот. Белата куќа објави дека лансирањето на ракетата било „изведено од либански Хезболах“, додавајќи дека „тоа била нивна ракета и лансирана од област што ја контролираат“.
Ескалираат пресметките помеѓу Израел и Хезболах
Хезболах ќе ги запре прекуграничните напади доколку се постигне прекин на огнот во Газа, соопшти шефот на либанското милитантно движење, Хасан Насрала. Хезболах соопшти и дека неговиот прекуграничен оган е чин на поддршка за палестинските исламисти од Хамас што се борат против израелската војска во Газа од 7 октомври, кога го нападнаа јужниот дел на Израел.
Израелската војска подоцна завчера наведе дека погодила цели на Хезболах „длабоко во либанската територија и во јужен Либан“. Во таа пригода израелско беспилотно летало истрела два проектила врз источен Либан, при што беше нанесена материјална штета, но нема жртви.
Хезболах евакуираше и одредени позиции на југ и на исток што би можеле да бидат цел на Израел, пренесуваат светските медиуми повикувајќи се на извори блиски до милитантната група.
Во прекуграничните израелско-либански престрелки, од октомври досега, има најмалку 527 жртви во Либан, од кои барем 104 се цивили. Во северниот дел на Израел, пак, убиени се 22 војника и 24 цивили, според податоците на израелската армија.
Осуда, апел за меѓународна истрага и предупредувања од меѓународната заедница
Иран го предупреди Израел дека секоја нова воена авантура во Либан може да доведе до „непредвидени последици“. А портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Насер Канани, нагласи дека „секое игнорантно дејство на ционистичкиот режим може да доведе до проширување на опсегот на нестабилност, несигурност и војна во регионот“.
Сирија ги осуди „лажните обвинувања“ на Израел против Хезболах и рече дека Израел бара „изговор за да ја зголеми својата агресија“. А Либан повика на „итен прекин на непријателствата на сите фронтови“, подоцна повикувајќи на „меѓународна истрага“ за нападот.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го осуди ракетниот напад врз Голанската Висорамнина и ги повика сите страни на „максимална воздржаност“. Специјалниот координатор на ОН за Либан, Жанин Хенис-Плашерт, и шефот на привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ), Аролдо Лазаро, во заедничка изјава посочија дека интензивирањето на разменетиот оган „може да запали поширок пожар што ќе го зафати целиот регион со катастрофални последици“. Р.С.
Идентификувани настраданите лица во ракетниот напад врз Мајдал Шамс
Жртви главно деца на фудбалско игралиште
Во ракетниот напад врз Мајдал Шамс беше погодено фудбалско игралиште, при што беа убиени деца на возраст од 10 до 16 години, според локалните власти. Единаесетгодишно момче што било пријавено за исчезнато по нападот е 12-та жртва. Ракетниот истрел врз Мајдал Шамс следуваше откако во израелски напад беа усмртени четворица припадници на Хезболах во јужен Либан, што наводно ја поттикна милитантната група да изврши одмазднички ракетни напади врз Голан и северен Израел.