Фото: принтскрин/ РТС Вести

Ден по обидот на група Срби да го блокираат патот во селото Бањска на Косово и Метохија, по што дојде до вооружен конфликт во кој загинаа тројца напаѓачи и еден припадник на косовската полиција, се уште се блокирани сите приоди кон Бањска од косовските полициски сили, а околу селото распоредени се голем број полицајци со оклопни возила. Безбедносната состојба и натаму е тензична, информираат од полицијата во Приштина.

Сите приоди кон селото Бањска, каде што вчера се случи вооружен конфликт меѓу група Срби и косовската полиција, се уште се блокирани, а околу селото се распоредени голем број полицајци со оклопни возила.

Сообраќајот од правецот на Рашка кон Лепосавиќ е блокиран, а од правец на Лепосавиќ е можно да се помине кон централна Србија.

Во вечерните часови интензитетот на вооружените дејствија се намалил, но безбедносната состојба се уште е тензична, информираат од полицијата, која во текот на ноќта продолжила со претресот на поширокото подрачје на селото.

Синоќа во вечерните часови е уапсен уште еден од напаѓачите, а досега според последните информации се убиени вкупно тројца напаѓачи, додека двајца се уапсени, како и четири лица кои се фатени со нелегална радиокомуникациска опрема, кои се осомничени дека се поврзани со групата.

Од Обвинителството соопштија дека истрагата на лице место продолжува и дека уапсените се товарат за тешки кривични дела против уставниот поредок и безбедноста – напад на уставниот поредок и подготвување терористички акти.

На уапсените им е одреден притвор до 48 часа и се очекува во текот на денот да бидат изведени пред судија на претходна постапка.

Во акцијата за апсење, биле запленети возила натоварени со значителни количини оружје од различни видови.

Приштина соопшти дека ги проверуваат и верниците кои вчера го поминаа денот во манастирот Бањска, за да утврдат дали меѓу нив има од напаѓачите или нивни помагачи.

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека вчерашниот ден бил најтешкиот ден за Србија и за српскиот народ од 2004 и 2008 година. Тој посочи дека убиството на полицаецот е за осуда и нешто што никому не му треба, но и предупреди дека Албин Курти сака да ја доведе Србија во конфликт со НАТО.