Фото: Принтскрин

Владата на Србија во оставка испрати инструкции до дипломатската мрежа во земјите-членки на ЕУ и до Европска Унија со инструкции како треба да настапуваат со соговорниците.

– Борбата против корупцијата, одржување на владеењето на правото и зајакнувањето на институциите се клучните принципи на кои остануваме целосно посветени – и затоа како приоритет ќе се посветиме на нив и цениме што студентите ги изнесоа овие теми на прв план. Затоа Владата на Србија ги исполни сите нивни барања – се наведува во писмото од српската Влада.

Во писмото се посочува и дека изминатите три месеци студентските и граѓанските собири се одвиваат мирно, без употреба на државна сила, иако тие не биле официјално пријавени, како што налага законот.

Студентите почнаа со блокади и дефинираа четири барања по уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени. Блокадите и протестите се интензивираа откако на 22 ноември во Белград беа нападнати студентите на Факултетот за драмски уметности за време на 15-минутната блокада.

Студентите бараат објавување на целосна документација за реконструкција на железничката станица во Нови Сад; отфрлање на обвиненијата против студентите и младите уапсени и приведени за време на протестите поради уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад; поднесување кривични пријави против напаѓачи на студенти и професори и нивно гонење и зголемување на средствата од српскиот буџет за материјални трошоци на државните високообразовни институции за 20 отсто.

Студентите тврдат дека ниту едно нивно барање не е исполнето.