Извидничка мисија и надзор на околниот простор, поточно собирање разузнавачки податоци, би била функцијата на новата воена база во Србија, посочува рускиот воен експерт Борис Јулин

Според руски портали

Во Србија би можела да се појави руска воена база, која ќе врши различни извиднички задачи и ќе ја надгледува околината, смета рускиот воен експерт и историчар Борис Јулин. За оваа можност зборуваше и вонредниот и ополномоштен амбасадор на Русија во Белград, Александар Боцан Харченко, кој изјави дека „руските воени бази во Србија се суверено прашање на таа држава“. Ова е информацијата што беше пренесена од „Лентра.ру“, многу читан руски портал, кој од 2020 година е во сопственост на Сбербанк.
„Што се однесува до заедничкиот хуманитарен центар, тој постои и функционира за кризен одговор во случај на хуманитарна катастрофа“, го цитира „Лента“, Боцан Харченко.
Воениот експерт Јулин наведува дека не е баш јасно каква корист ќе има воената база во Србија.
– Факт е дека базите се наоѓаат во близината на зони на можни непријателства. Но во Србија, територијално, таа ќе биде целосно отсечена од Русија и од сите страни опкружена со земји од Европската Унија, делумно и држави од НАТО. Не е јасно како во овој случај е можно да се сконцентрираат сили и да се обезбеди базата – истакнува Јулин.
Единствената можна цел за нејзино создавање, за овој руски експерт, е „извидничка мисија и надзор на околниот простор“, поточно собирање разузнавачки податоци.
Според Јулин, „Европската Унија би можела да почне да ја доживува Србија како веројатен извор на закана во случај на конфликт“, што за Белград не би имало баш пријатни последици.
Претходно министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, потсетува рускиот портал, соопшти дека Србија е самостојна и независна земја и не сака да се меша во конфликтите на Русија и Западот, а особено на сака да стане „пешадија на НАТО“.
– Ако сакате да се држите до територијалниот интегритет и суверенитет како најважен принцип во меѓународната политика, што јас мислам дека е, тргнете од Србија. Прво повлечете го признавањето на Косово, па кажете: „Извинете, Србија е целосна, погрешивме што ве бомбардиравме, извинете за сите деца што ви ги убивме, простете што ви го направивме тоа, почнуваме од тоа да ги поправиме своите грешки“ – изјави Вулин.
Српскиот министер, на почетокот на јули годинава, изјави дека „не треба да се бара од Србија да биде пешадија на НАТО и да влезе во судир со Русија“.