Фото: Игор Бансколиев

Западните партнери на Бугарија се залагаат за формирање проевропска коалиција бидејќи земјата се појавува како најслаб дел од НАТО поради силното руско влијание врз бугарското општество. Имено, проруската антиевропска партија Преродба веќе е трета политичка сила во земјата со 14,1 отсто од гласовите, а за зголемената популарност зборува и порастот од 4 отсто во однос на последните избори

Политичката состојба во постизборна Бугарија

Петтите парламентарни избори во Бугарија во рок од две години и резултатите од последните избори и натаму ѝ го привлекуваат вниманието на европската јавност. Деновиве повеќе медиуми излегоа со своја анализа на актуелните состојби. Заеднички именител на сите тие анализи е дека голема е веројатноста за скршнувањето во нов „ќор–сокак“

Корупциските скандали на Борисов причина што коалицијата ПП-ДБ нема да ја поддржи владата на ГЕРБ

Меѓу другите медиуми, со свој коментар излезе и бриселскиот портал „Еурактив“, кој објаснува зошто проевропската коалиција „Продолжување на промените“ – Демократска Бугарија, која беше на второто место на последните парламентарни избори нема да ја поддржи владата предложена од ГЕРБ. Според порталот со седиште во Брисел, ваквата одлука се темели на ветувањето што коалицијата го дала пред гласачите дека нема да гласа за поранешниот премиер и актуелен лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов. Притоа, коалицијата објаснува дека главен проблем за некаква идна соработка на владино ниво се корупциските скандали во кои е вмешан Борисов додека беше премиер.
– Нема да ја поддржиме ГЕРБ поради нашите вредности. Граѓаните мора да бидат сигурни дека ветеното ќе се исполни кога ќе гласаат за нас. Ќе разговараме со сите партии за политики (не за коалиции) – изјави копретседавачот на „Продолжување на промените“, Кирил Петков.
Сличен е ставот и на нивниот коалициски партнер.
– Сфаќаме дека 70 отсто од Бугарите сакаат крај на политичката криза и формирање влада. Ние се солидаризираме со нив, но не можеме да поддржиме влада предводена од Бојко Борисов – рече Атанас Атанасов од Демократска Бугарија.

Западните партнери на Бугарија се залагаат за формирање владина
коалиција поради „силното руско влијание на бугарското општество“

„Многу повеќе се постигнува со трпение отколку со тврдоглавост“, напиша Борисов еден час подоцна на Фејсбук. Борисов победи на изборите со 26,5 отсто од гласовите и предложи Продолжување на промената – Демократска Бугарија (24,5 отсто) да ѝ се приклучи на коалицијата за да го гарантира евроатлантскиот пат на Бугарија.
Западните партнери на Бугарија се залагаат за формирање проевропска коалиција бидејќи земјата се појавува како најслаб дел од НАТО поради силното руско влијание врз бугарското општество. Имено, проруската антиевропска партија Преродба веќе е трета политичка сила во земјата со 14,1 отсто од гласовите, а за зголемената популарност зборува и порастот од 4 отсто во однос на последните избори.
Ако коалицијата „Продолжување на промените – Демократска Бугарија“ се држи до својата одлука, ГЕРБ нема други опции за формирање мнозинство во парламентот. Партијата на Борисов може да се обиде да преговара за коалиција со партијата на етничкото турско малцинство ДПС и проруската Бугарска социјалистичка партија. Овие три партии станаа познати како „хартиена коалиција“ затоа што привремено се здружија во претходниот парламент за да го вратат масовното гласање со хартиени ливчиња, што е поврзано со широко распространета изборна измама.
Другата опција, која е многу неверојатна, сугерира дека Борисов ќе одбие да формира влада, а потоа ќе ја поддржи Продолжување на промените – Демократска Бугарија, која на крајот ќе добие втор мандат за формирање на извршната власт во најсиромашната земја во ЕУ, се наведува во анализата на бриселскиот портал.

И „Фајненшл тајмс“ анализира и издвојува еден друг аспект на коалицирањето

Бугарските избори ги анализираше и „Фајненшл тајмс“, кој се фокусира на еден друг аспект. Под наслов „Проруската партија ја разниша бугарската политика“, весникот својот акцент го става на партијата Преродба.
– Проруската партија, која води кампања против тоа Бугарија да се приклучи кон еврото, се обидува да ја размрда политиката во земјата на парламентарните избори, како одраз на зголеменото разочарување на гласачите од корупциските скандали и политичките расправии во Софија – се вели во анализата.
Притоа се укажува дека партијата раководена од 43-годишниот Костадин Костадинов го погоди вкусот на дел од бугарскиот електорат откако усвои екстремно десничарски став, рутински рециклирајќи ги пропагандните линии на Кремљ и ја доведе во прашање поддршката на Софија за Украина.
Костадинов, чиј популарен прекар е Копејкин – референца за руските ситни пари – доби популарност и покрај неговата јасна слика меѓу гласачите дека е марионета на руските интереси.
Бугарија, традиционално сојузник на Русија, со која споделува јазични, историски и културни врски, е членка на НАТО и е важен снабдувач со муниција, оружје и гориво за Украина. Но непартиската привремена влада и прорускиот претседател Румен Радев се спротивставија на подлабокото вклучување, како што е испраќањето стари советски борбени авиони и противвоздушно оружје во Украина, наведува „Фајненшл тајмс“.
Наспроти Костадинов, кој одбил да одговори на прашањата на „Фајненшл тајмс“, Бојко Борисов вели дека ГЕРБ, која беше прва или втора на сите четири претходни избори, е подготвена да ги остави настрана разликите за да создаде широка коалиција.
– Западот сака да направиме таква широка база на моќ и тие ја сметаат ГЕРБ за штит против руското влијание – рече Борисов.
Во анализата се спомнува и центристичката група ПП-ДБ, која не го крие својот став кон Преродба. Христо Иванов, лидер на ПП-ДБ, вели дека војната во Украина ѝ даде можност на Бугарија: да ја изолира Преродба преку формирање широка прозападна влада и користење на фондовите на ЕУ за да ја поттикне економијата.
Она што е заедничко за анализите е фактот дека со ваков однос на гласовите на граѓаните ќе биде исклучително тешко да се најде клуч што ќе ги отвори собраниските порти за таму да се формира стабилно мнозинство, кое ќе изгласа влада што ќе бара излез од повторното заглавување во ќор-сокак.

Подготвил: Mарјан Велевски