Фото: ЕПА

Здруженијата за заштита на потрошувачите предупредуваат дека е потребно да продолжи двојното искажување на цените, во евра и во куни, за да можат повозрасните лица, кои се соочуваат со сиромаштија, полесно да ја следат својата потрошувачка, но и да се спречи можноста од малверзации со малопродажните цени од страна на трговците

Еврото предизвикува проблеми за хрватските потрошувачи

Воведувањето на еврото во Хрватска, покрај очекуваните предности, донесе и одредени проблеми, кои полека се надминуваат, иако некои бараат подолго време за нивно решавање. Така, деновиве големо внимание во јавноста предизвика веста дека граѓаните над 65-годишна возраст, кои претставуваат една четвртина од вкупното население во Хрватска, потешко се снаоѓаат со употребата на еврото.
Во тие рамки меѓу првите се огласија здруженијата за заштита на потрошувачите, кои предупредуваат дека е потребно да продолжи двојното искажување на цените, во евра и во куни, за да можат повозрасните лица, кои се соочуваат со сиромаштија, полесно да ја следат својата потрошувачка, но и да се спречи можноста од малверзации со малопродажните цени од страна на трговците.
Пратеничката на Мост, Марија Селак Распудиќ најави дека ќе предложи измена на Законот за еврото, со која ќе се бара продолжување на рокот за двојно искажување на цените во евра и во куни, на две години.
– Тоа го направивме бидејќи граѓаните од повозрасните генерации потешко ги пресметуваат цените од куни во евра. Потребно им е да ја видат цената во куни, за да бидат свесни колку ќе потрошат при пазарењето – вели Селак Распудиќ.
Здруженијата на потрошувачи во Хрватска забележуваат дека купувачите се во незавидна состојба, затоа што ниедна земја од Европската Унија не го воведувала еврото во услови на висока инфлација. За користење ново платежно средство, според нив, потребно е земјата да има една од трите најниски стапки на инфлацијата во Европа. Наместо тоа, при состојба на висока инфлација, трговците го искористија изминатиот период, така што цените се зголемуваа неоправдано и пред да се воведе еврото, но и по неговото воведување. Во јули 2022 година во Хрватска имаше рекордна инфлација, во висина од 12,3 отсто, а за 2021 година стапката на инфлација беше 24 отсто.
– Ова значи дека нашите граѓани во изминатите две години изгубија четвртина од своите приходи, односно од нивните основни животни потреби. Бараме двојното искажување на цените да продолжи и следната година и објавувањето на цените да се стандардизира. Не смееме да дозволиме цените во евра да бидат појасно истакнати, а тие во куни да се речиси невидливи. Тоа не е фер за нашите граѓани, кои денес тешко живеат. Државата мора да најде механизми никој од трговците да не ги мами граѓаните и да можат појасно да го следат растот на цените – изјави хрватската пратеничка Селак Распудиќ.

Ангел Митревски Специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска