Фото: З.А

По петти пат во Кичево, викендов ќе се одржи семинар за изворен фолклор, на кој предавачи ќе бидат еминентни стручњаци од оваа област, д-р Родна Величковска, м-р Стојанче Костов, Ване Наков и други. На овој семинар активно учество ќе земат осум културно-уметнички друштва и фолклорни ансамбли од повеќе градови од земјава. Ќе бидат претставени и нови кореографии на орски изведби и песни кои досега не се изведувани. Организатор на овој семинар традиционално е КУД „Бисер“ Кичево.

– По петти пат во нашиот град ќе го организираме семинарот за изворен фолклор, на кој ќе земат учество 8 културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли од земјава. На семинарот ќе биде презентирана Македонската свадбена обредност и обредно пеење, за кое осврт на обредно пеење во кичевско ќе има професор д-р Родна Величковска. За етнокореолошките карактеристики на играорните подрачја во Македонија осврт ќе има м-р Стојанче Костов. Кореографот на друштвото организатор Бисер- Кичево, Цане Ѓорѓијоски, ќе го презентира „Женското оро – Свекрвино“. Семинарот ќе биде збогатен и со промоција на книгата „Етнокореолошкото маследство на Роберт Хенри Лидман“ а промотер на оваа книга ќе биде м-р Стојанче Костов. Етнокореолошките карактеристики на инструментот тамбура ќе ги презентира м-р Стојанче Костов, за обредното пеење ќе зборува д-р Родна Величковска а презентацијата на народни носии ќе има Ване Наков – истакна Младен Ванчоски претседател на друштвото домаќин.

Тој потсети дека на овој семинар покрај друштвото-домаќин КУД „Бисер“ Кичево, ќе земат учество и КУД „Илинден“ Демир Хисар, КУД „Илинден“ Струга, ФА „Плетенка“ Битола, КУД „7-ми Септември“ Македонски Брод, КУД „Илинден“ Битола, фолклорниот ансамбл „Филиграни Битола“ и „Филиграни“ Охрид. З.А.