Фото: Архива на „Нова Македонија“

Подготвил: Mарјан Велевски

На Косово му беше испорачано сериозно предупредување од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија, дека треба да отстапи во тензичниот судир со Србите на северот од земјата или ќе се соочи со „последиците“ од своите долгогодишни западни сојузници. Ваквите предупредувања следуваа откако претставниците на САД и на ЕУ ги завршија посетите на Косово и Србија за да ги смират тензиите, кои прераснаа во насилство минатата недела, во кои беа ранети десетици мировни војници на НАТО и српски демонстранти во северно Косово.

Насилството избувна откако косовските власти поставија градоначалници етнички Албанци во општинските канцеларии. Градоначалниците беа избрани со одзив од само 3,5 отсто, откако Србите, кои сочинуваат мнозинство во регионот, ги бојкотираа локалните избори.

Најнапред американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека Косово мора да им даде поголема автономија на општините со мнозинско српско население доколку сака да се приближи до влез во НАТО и ЕУ.
– Активностите може да имаат последици што ќе влијаат на делови од односите (меѓу Косово и Соединетите Американски Држави). Не сакам да одам дотаму – изјави Ескобар за косовските медиуми во вторникот пред да замине за Белград.

Тој и Мирослав Лајчак од ЕУ не образложија со какви други последици би можела да се соочи владата на косовскиот премиер Албин Курти, во која доминираат етнички Албанци, доколку не ги прифати нивните барања.
– Не мислам дека овие работи се решаваат со притисок и со спомнување последици, па дури и санкции. Имаме предизвици со претставниците на ЕУ и САД, но нашите билатерални односи со ЕУ и САД се одлични – беше реакцијата на косовскиот премиер Албин Курти.

Лајчак во понеделникот рече дека пратениците му дале предлози на Курти за деескалација на ситуацијата во северно Косово, додавајќи дека имале „долга, и тешка дискусија“.