Фото: ЕПА

Кризата на истокот на Црниот Континент е нов тежок предизвик за меѓународниот мир и стабилност

Додека целиот регион моментално ги доживува екстремните ефекти од климатските промени, пандемијата и зголемувањето на цените на основните производи по избивањето на конфликтот меѓу Русија и Украина, зголемениот тероризам има дополнително влијание врз социоекономската егзистенција на проценетата популација на 115 милиони, пишува Кестер Кен Кломега за „Модерн дипломаси“

Подготвил: Mарјан Велевски

Состојбата на Африканскиот Рог брзо се влошува поради честите напади на милитантите и притисоците на терористите во регионот. Низ Кенија, Етиопија, Сомалија и Уганда, кризата претставува огромен критичен предизвик за владите и регионалните организации, како и за Африканската унија.

Додека целиот регион моментално ги доживува екстремните ефекти од климатските промени, пандемијата и зголемувањето на цените на основните производи по избивањето на конфликтот меѓу Русија и Украина, зголемениот тероризам има дополнително влијание врз социоекономската егзистенција на проценетата популација на 115 милиони. Поради екстремните временски услови, дури пцовисаа и над 13,2 милиони грла добиток.

Влијанијата врз заедниците од повеќе терористички напади беа катастрофални. Бројот на раселени лица на кои им е потребна итна помош, покрај бегалците што бегаат од постојаните конфликти, доведе до миграција на над 2,5 милиони луѓе. Дополнително, неисхранетоста е во пораст за веќе сиромашните семејства со деца, а средовечните работници го изгубија начинот на заработка.

Терористички групи пустошат во тој регион

Ал шабаб и Ал каеда се озлогласените групи што дејствуваат на Африканскиот Рог и во Источна Африка. Во мај, борците на Ал шабаб извршија рација во воената база на Африканската унија во која се сместени војниците од Уганда во Сомалија, предизвикувајќи жестока оружена пресметка. Сè уште не е познато дали има жртви во нападот, за кој одговорноста ја презеде џихадистичката група поврзана со Ал каеда. Базата се наоѓа во Було Марер, 120 километри југозападно од главниот град Могадишу.

Провладините сили поддржани од силите на Африканската унија, познати како АТМИС, започнаа офанзива минатиот август против Ал шабаб, кој води бунт во Сомалија повеќе од 15 години. АТМИС соопшти дека кампот Було Марер бил нападнат од милитанти на борците на Ал шабаб „користејќи импровизирани експлозивни направи од возила и бомбаши самоубијци“.

Во соопштението на официјален претставник се вели дека „засилувањата од воздухопловната единица АТМИС и сојузниците успеале да го уништат оружјето што го поседувале милитантите на Ал шабаб, кои се повлекувале“. Цел на нападот биле војници од Уганда стационирани во Сомалија како дел од АТМИС, изјави портпаролот на народните одбранбени сили на Уганда, Феликс Кулајгје, додавајќи дека војската „вкрстено ги проверувала“ деталите.

Локалните сили тешко излегуваат накрај со милитантите

Силите на АТМИС, кои опфаќаат 20.000 припадници, имаат поофанзивна надлежност од нејзиниот претходник познат како АМИСОМ. Силите се повлечени од Уганда, Бурунди, Џибути, Етиопија и Кенија, а војници се распоредени во јужна и централна Сомалија. Нивната цел е да ги предадат безбедносните одговорности на армијата и полицијата на Сомалија до 2024 година.

Минатата година, сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд започна „сеопфатна војна“ против милитантите, собирајќи ги Сомалијците за да помогнат да се протераат членовите на џихадистичката група. Во последниве месеци, армијата и милициите познати како „макависли“ повторно зазедоа делови од територијата во центарот на проблематичната земја во операција поддржана од АТМИС и американски воздушни напади.

И покрај придобивките на провладините сили, милитантите продолжија да возвраќаат со смртоносна сила врз цивилни и воени цели. Во најсмртоносниот напад на Ал шабаб од почетокот на офанзивата, 121 лице беа убиени во октомври во две експлозии на автомобили бомби во Министерството за образование во Могадишу. Во извештајот до Советот за безбедност на Обединетите нации во февруари, шефот на ОН, Антонио Гутереш рече дека 2022 година била најсмртоносната година за цивилите во Сомалија од 2017 година, главно како резултат на нападите на Ал шабаб.

Потребни се меѓународен ангажман и помош

Активностите на Ал шабаб и на Ал каеда ги натераа министрите за надворешни работи на Уганда и на Сомалија да побараат помош од Русија. Министерот за надворешни работи на Република Уганда, Јеје Одонго, на 18 мај беше во работна посета и разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Од практична перспектива, Русија сега сакаше да го имплементира својот потпишан договор за проектот за формирање центар за нуклеарна технологија во Уганда, вклучувајќи и за нуклеарна медицина.

Покрај горенаведеното, војската беше на преговарачката маса уште пред првиот самит одржан во Сочи, каде што претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, и рускиот претседател повторно ја подигнаа воено-техничката соработка. Воено-техничката соработка има долга историја меѓу двете земји, а уште во 2003 година тоа беше отелотворено со потпишувањето на меѓувладиниот договор.

Русија и Уганда разговараа за конкретни области за понатамошна соработка, вклучувајќи дополнителни набавки на руски воени производи и технолошка соработка во оваа област. Основан е центар за техничко одржување на советската и руската воздушна опрема, кој наскоро ќе започне со работа. Лавров и Одонго се согласија да не штедат напори за ослободување на потенцијалот на воено-техничките врски, бидејќи и двајцата долго разговараа за состојбата во жариштата на Африканскиот Рог и во Источна Африка. Но со рацијата на борците на Ал шабаб во воената база на Африканската унија, во која се сместени војници од Уганда во Сомалија, Лавров најде нова димензија во односите во воено-техничката сфера во регионот.

За хуманитарните проблеми во Сомалија е неопходен ангажман на меѓународните организации, не само на поединечни влади

Министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Сомалија, Абшир Омар Јама, на 26 мај престојуваше во Москва. Лавров понуди етапна нормализација на состојбата во Сомалија. На тамошната прес-конференција, Лавров истакна дека од руска страна била изразена поддршка за сомалиските лидери во развојот на нивната држава, консолидација на суверенитетот и единството, чекори за стабилизирање на домашната ситуација и напорите за спротивставување на тероризмот и екстремизмот.

Лавров ја истакна важноста на решавањето на хуманитарните проблеми во Сомалија, вклучувајќи ги и оние на бегалците и во земјата и во соседните држави. Русија ѝ дава хуманитарна помош на Сомалија преку Светската програма за храна (ВФП) и други структури на ОН, како и преку невладините добротворни фондации, оние од Чеченската Република и Башкортостан.
– Зборувајќи за воено-техничката соработка, повторно изразивме подготвеност да ги исполниме барањата на сомалиската армија во опрема за конечен пораз на преостанатите терористи и екстремисти во таа земја. Мислам на групи како Ал шабаб и Ал каеда. Ќе продолжиме да ѝ помагаме на Сомалија да обучува персонал за нејзината национална полиција – порача Лавров, изразувајќи ја руската безрезервна поддршка, бидејќи тоа спаѓа во воено-техничката соработка на Русија со Африка.

Во текот на претходните години, борбата против пиратските бродови кај сомалиските брегови беше една од централните области на активностите на ОН. Русија обрнува внимание на состојбата во Африка, пред сè нејзините жаришта. Таа тврди дека се бори против заканата од тероризам и манифестации на екстремизам и дека заработува од извоз на воена опрема во Африка. Исто така соработува и со напорите на африканските агенции (како што е Африканската унија) за да се постигне разврска на Африканскиот Рог, особено во Етиопија, Џибути, Еритреја, Кенија и Судан.