АНА СТОЈАНОСКА, УМЕТНИЧКА ДИРЕКТОРКА НА МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

Вечерва по 57. пат во Прилеп ќе започне најзначајниот театарски фестивал во земјава, МТФ „Војдан Чернодрински“, под мотото „Враќање дома“. Подготвени ли сте за почеток на фестивалот?
– Изминатите осум месеци, од мојот избор до денес, од креирањето на платформата, составувањето на тимот, гледање на претставите и комуникацијата со помагателите на фестивалот, водеа кон една цел – Прилеп да стане град театар. Фестивалот има амбициозен распоред и мојата желба и на сите што работат со мене е публиката да има можност да посведочи различни видови театар, да се случуваат многу настани и да има активен театарски живот.

Што значи мотото „Враќање дома“?
– Програмата е насловена „Враќање дома“ со цел фестивалот и симболично и буквално да ги врати дома сите театарски уметници, а градот Прилеп да биде вистински град домаќин. Тоа е една моја досетка, на повеќезначно враќање дома, од тоа на публиката во театарот како дом, од тоа на театарските уметници на фестивалот како дом, од тоа да сугерирам на прочуената драма „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски. Едноставно, враќањето дома е едно од најубавите чувства што еден човек може да го доживее.

Каков е концептот на фестивалот и колку претстави ќе има во официјална конкуренција?
– Откако ги изгледав сите 52 театарски претстави, концептот се наметна како доминантен и го насловив „Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“. Секоја од избраните претстави покажува една од страните на театарот, поточно, различните начини на создавањето театар. Во суштина, она што доминира во изборот се креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, таканаречените класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуализирани и контекстуализирани. Програмата е водена од целта да се види објективната слика на тековната продукција, но поради технички проблеми некои од претставите не се во можност да дојдат во Прилеп. Поради тоа сакам да апелирам до јавноста да се забрза процесот на градење нов театарски објект за Прилеп за да може фестивалската публика да ужива во сите претстави на тековните репертоари на македонските театри. Во официјална селекција се десет претстави: „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар – Скопје; „Нема струја за електричниот стол“ на Дејан Пројковски, „Јордан Хаџи Константинов–Џинот“ – Велес; „Мистерија Буфо“ на Андреј Цветановски, театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; „Мy name is Medeјa“ на Себастијан Хорват, Народен театар – Битола. „Балкон“ на Арбен Кумбаро, Албански театар, Скопје; „Несфатената цивилизација“ на Софија Ристовска-Петрушева, Народен театар – Охрид; „Роња, ќерката на ограбувачот“ – на Јакуб Максимов, Театар за деца и младинци – Скопје; „Женска гардероба“ на Наташа Поплавска, „Театар комедија“ – Скопје; „Циркус Пирандело“ на Бојан Трифуновски, народен театар „Антон Панов“ – Струмица; „Човек перница“ на Сибел Абдиу, Турски театар – Скопје. Секоја од овие претстави покажа актерска игра каква што треба да се види на денешните сцени, а некои од овие претстава прават и отстапки од профилираните репертоарни слики на театрите од каде што доаѓаат.

Што ќе понудат потпрограмите за театарската публика?
– Независна сцена што игра македонски автори е првата потпрограма. Идејата е да видиме сè што е добро и активно и што ја негува македонската драма и театар. Независната сцена секогаш има прогресивни, активни пристапи кон драматиката и современиот театар. Важно и институционалните театри да имаат увид во тоа што прави независната сцена. Не сме ние во паралелни светови, особено не во средина како нашата. Сакам секоја година фестивалот да е средба на комуникација меѓу институционалните театри и независната продукција. Втората потпрограма е видеопрограмата, која може да се следи и на нашата веб-страница и на социјалните мрежи и видеоплатформите. Исто така, мошне важно во однос на програмата е презентацијата на разните форми театар – особено патувачкиот или уличниот театар.

Годинава почнавте и со проектот „Автор во фокусот“, а го претставувате Коле Чашуле. Која е целта со оваа програма?
– Секој сериозен фестивал и филмски и театарски има свој „автор во фокус“. Сметав дека мојот мандат треба да го отворам со еден голем автор од кого сме ја добиле и македонската модерна драма. Коле Чашуле е роднокраен прилепски автор и е одличен почеток за овој тип програма. За време на отворањето на фестивалот, планирано е откривање спомен-обележје на Коле Чашуле, а го објавивме и неговиот видеопортрет. Во планот е и промоција на монографија за Чашуле. На денот на отворањето на фестивалот во соработка со градската библиотека „Борка Талески“ од Прилеп ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка, а со тоа и ќе имаме посебно место за Чашуле во Прилеп.