Фото: Фејсбук

По веста објавена на социјалните мрежи дека утре 24 мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј ќе се отвори бугарски културен центар во Пустец, од локалната власт на оваа општина, за МИА изјавија дека за такво нешто нема издадено дозвола.

– Нема дозвола од надлежните албански институции за отворање бугарски културен центар. Ова го прават со цел да им се даде публицитет. Повеќе од очигледно е дека е провокација кон Македонија – вели градоначалникот Пали Колефски.

Додава дека пред околу осум месеци момче од Пустец студент во Бугарија изнајмил под кирија простор во приватен објект.

– Но, канцеларијата како што некој ја нарекува е под клуч. Барам да не им се дава внимание на овие провокации. Ние знаеме што сме, Македонци и тоа не може да го смени никој, а најмалку неколкумина кои за личен интерес си го продаваат најсветото-македонскиот идентитет – додава Колефски.

За оваа најава, за која разбравме од социјалните мрежи, посочува тој, запознаени се надлежните служби во округот Корча, каде територијално припаѓа општина Пустец.

Истиот став го дели и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ Васил Стерјовски, како и претседателот на македонското друштво „Илинден” Никола Ѓурѓај, кои потсетуваат дека веќе подолг период „искажуваат загриженост од напорите на Бугарија за асимилација на Македонците не само во Мала Преспа туку и во Гора и Голо Брдо”.

Најава за отворање на бугарскиот културен центар во Пустец преку својот профил на Фејсбук објави бугарската Фондација Македонија, која најави присуство и на официјални лица, но и Колефски и Стерјовски не веруваат во тоа.

Деновиве албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши при престојот во Пустец јасно кажа дека без разлика на одредени странски влијанија, во Преспа живеат Македонци.

– Во Преспа живеат Македонци, со македонски јазик, идентитет, култура, традиции. Без разлика на некои странски влијанија за нас тука живеат Македонци. Тие се една заедница што е додадена вредност во мозаикот на културните, историските, етнографските и јазичните вредности на нашите простори – рече Пелеши, кој објавувајќи ја веста на Фејсбук постираше и фотографија.