фото: Пикселс

Албанија

Албанската телевизија Топ чанел објави ексклузивна информација дека непознати хакери, кои ги нападнаа канцелариите на албанската држава, успевајќи да пристапат до серверите на службените документи, успеале оттаму да преземат разни документи што ги објавиле на своја веб-страница. Она што е особено интригантно во целиот случај е фактот дека сајтот на кој хакерите ги имаат објавено оригиналните документи е невозможно да се отвори од Албанија. Оваа страница може да се отвори само надвор од нејзините граници, бидејќи компаниите што дистрибуираат интернет во Албанија ја блокирале можноста да се види што е објавено.
Сепак, Топ чанел успеа ексклузивно да обезбеди дел од документите и пораките што ги објавија хакерите. Првата порака бара Албанија да не дозволи одржување на самитот на иранската опозиција. Во оваа порака пишува „Самит во Драч, клуч на пеколот или крајот на огнот“.
Оваа порака бара да не се одржува самитот на иранската опозиција што се засолни во Албанија. Овој самит со учество на сите групи што се против режимот во Иран би се одржал во Драч. Но еден ден пред самитот беше најавено негово откажување поради терористички закани. Муџахедините изјавија дека токму барањето на албанската влада довело до откажување на средбата. Впрочем, на овој начин е исполнето барањето на хакерите што ги нападнаа документите на албанската држава – наведува телевизијата.
Но хакерите не застанале тука. За да ја покажат сериозноста на своите намери и тоа што влегле и имале можност да манипулираат со албанските државни документи, да ги копираат, менуваат или бришат, објавиле и видео.
На веб-страницата на хакерите, кои го блокираа пристапот од Албанија, објавени се оригинални документи. На сајтот е објавен документ на генералниот секретар на Кабинетот на премиерот Енѓел Агачи за специјална мисија во Турција за познатите беспилотни летала „бајрактар“ – посочува Топ чанел.
Меѓу повеќето документи се наоѓа и официјален допис на министерот за финансии, што, според телевизијата, покажува дека хакери навлегле длабоко во серверите за финансии.
Овие официјални писма до кои дошле хакерите предизвикуваат сомнеж за тоа колку длабоко навлегле во тајните архиви со чувствителни податоци и што правеле со нив. Потсетуваме дека и покрај заживувањето на е-Албанија и нејзините услуги, некои услуги поврзани со даночната служба сè уште не работат – констатира телевизијата.
Од друга страна, сè уште нема официјално појаснување од експерти за тоа што сè се случило со сајбер-нападот, зад кој, како што обвини премиерот Еди Рама, стојат две земји, не наведувајќи кои.