Фото: Архива

Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) не презеде полициски одговорности во северно Косово, но ги зголеми мобилните извидувачки патроли во тој дел од земјата и одржува тесна координација со косовската полиција и КФОР.

– ЕУЛЕКС ќе се ангажира само по експресно барање на косовската полиција – изјави ЕУЛЕКС за Радио Слободна Европа.

Тие додадоа дека нивните високи полициски советници ја советуваат северната регионална дирекција на косовската полиција и четирите полициски станици под нејзина команда за голем број прашања поврзани со обезбедувањето полициски услуги, пренесе Бета.

Освен тоа, советникот на ЕУЛЕКС на главниот обвинител на Основното обвинителство во Митровица и советникот на ЕУЛЕКС на претседателот на Основниот суд во Митровица будно ја следат состојбата во тие две правосудни институции.

– Доколку е потребно, мисијата може да распореди дополнителна резервна полициска единица за дополнително подобрување на своите сили на теренот и оперативните капацитет – потенцираат од Мисијата на ЕУ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека се надева оти САД ќе одлучат КФОР и ЕУЛЕКС да вршат полициски работи на северот на Косово, по одлуката на припадниците на српската заедница да ги напуштат институциите.