Фото: МИА

Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин денеска се сретна со претставникот на Коалиција „Менуваме“ Суаред Алишан. На средбата разговараа за предлозите од Коалиција „Менуваме“ во однос на покачувањето на додатокот за попреченост и негово врзување со просечната плата.

– Во изминатиот период донесовме антикризни мерки со кои на лицата со попреченост ќе им бидат доделени 3.000 денари за четири месеци. Изминатата недела со измените на Законот за детска заштита беше зголемен посебниот додаток за 15 отсто. Како Влада и Министерство за труд и социјална политика постојано се залагаме за унапредувањето на животот на лицата со попреченост и со нашите постапки докажуваме дека имаме слух за нивните барања – рече Хусејин.

Коалицијата „Менуваме“ ќе достави предлог во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) додатокот за попреченост – за возрасни и за деца законски да се зголеми за 35 отсто од просечната нето плата. На нивна иницијатива денеска беа поканети во МТСП, каде што по средбата претставникот на коалицијата, Суарет Алишан, изјави дека Министетството ќе разгледа дали е можно покачувањето да се поврзе со просечната плата.

– Ние имаме своја драфт-верзија и ќе ја доставиме во Министерството. Не сметаме дека има пречка за законско усогласување, правно ние сме заштитени дека овие додатоци за попреченост може да бидат поврзани со просечната плата. Сепак, ќе оставиме МТСП да го каже последниот збор дали висината од 35 отсто е реална или не. Затоа ќе продолжиме натаму да преговараме за остварување на овие права што ги бараме подолго време. Сега е шансата овој проблем системски да биде решен – изјави Алишан.

Ќе го чекаат, рече, заклучокот од МТСП дали може да има усогласување и ако не добијат позитивен одговор, коалицијата „Менуваме“ ќе иницира граѓански референдум за непосредно изјаснување на лицата со попреченост во однос на покачување на додатокот за попреченост.

Во однос на предлозите на Алишан, заменик-министерот Хусејин рече дека сè што влегува во законската рамка може да биде разгледано.

– Додатокот за попреченост се покачува согласно порастот на трошоците, тоа е законска рамка од којашто не може да се излегува. Министерството за труд и социјална политика ги креира своите политики и мерки согласно донесените закони- изјави Хусејин.

Тој посочи дека како здруженија треба да ги усогласат барањата кои ги имаат за лицата со оштетен вид и согласно барањата ќе може да се постапува.

На крајот од средбата Хусејин рече дека Министерството за труд и социјална политика е отворено за соработка и дека е секогаш тука за граѓаните и нивните потреби. Тој посочи дека најдоброто решение може да се донесе само преку континуиран дијалог од кој придобивки ќе имаат корисниците.