Три експлозии одекнале во текот на ноќта на северот на Косово, изјавил заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, пренесува „Танјуг“.
Елшани рекол дека една шок бомба била фрлена во близина на полициската станица во Звечан, а една во близина на полициската станица во северниот дел на Митровица.
Тој изјави дека било каменувано и едно полициско возило, а врз него била фрлена и шок бомба.
Според Елшани, тоа се случувало во периодот од 23 часот и 30 минути до еден час по полноќ.
Тој додава дека нема повредени и дека имало мала штета на полициското возило, кое било каменувано.
Српската полиција во средата уапси тројца припадници на косовската полиција.
Косовската полиција соопшти дека тројца полицајци се киднапирани од Косово во близина на преминот Јариње, додека Белград тврди дека косовски специјалци се уапсени на територијата на Србија.
Портпаролот на косовската полиција, мајор Баки Келани изјави дека „овие класични киднапирања српските сили ги користат за заштита на криминалците кои ги бара косовската полиција“.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека апсењето на тројца полицајци на територијата на Косово е одмазда на Србија за апсењето на Милун Миленковиќ Луне во вторникот, кој, како што наведе, претставува еден од водачите на организираниот криминал и шверцот на северот на Косово, пренесе „Анадолија“.
Косовската полиција на почетокот на неделата го уапси Милун Миленковиќ во Митровица, осомничен дека е учесник и организатор на нападот врз полицијата и КФОР за време на протестот на 26 мај во Звечан.
Граѓаните од српска националност на северот на Косово протестираат од крајот на мај, поради обидот на косовската полиција да им помогне на градоначалниците Албанци да влезат во општинските згради.