Фото: Принтскрин

Бесмислен е разговорот со Албин Курти, нема да разговарам со него, ослободете ги уапсените Срби, повлечете ги последните норми за српската стока, повлечете ги лажните градоначалници и полицијата од северот на Косово, и ќе размислам на продолжување само на техничкиот дијалог, изјави претседателот Александар Вучиќ во денешното обраќање до јавноста, јави дописникот на МИА од Белград.

Пред тоа, Вучиќ ги наброја сите инциденти, пукања, апсења на косовските Срби во изминатата година, обвинувајќи го Еулекс дека „не презема, ама баш ништо, дури ни во извештаите, дека само ја следи ситуацијата“.

Тој го спомна воениот конфликт во 2001 во Македонија, настаните во Теарце, Арачиново, ОНА, дека се убиени 75 припадници на македонските вооружени сили, правејќи паралела со амнестијата која тогаш била побарана од западот.

Според Вучиќ, против Србија се води „хибридна војна“ преку Србите на Косово и нивните лидери кои се обвинуваат за криминални дејствија, и дека според Западот „Србија мора да биде виновна“.

– Овде доаѓаме до суштинската одлука на западните земји, за која мораме да бидеме свесни. Тие дозволуваат пукање врз Србите, малтретирања на Србите. А на Курти се му е дозволено, тој провоцира, сака конфликт, сака војна по секоја цена, а во тоа има заштита, лаже дека нема заштита – посочи тој.

Вучиќ најави дека поради односот кон косовските Срби, „тие на Видовдан на мирен начин ќе преземат свои чекори за слобода, во рамките на меѓународните норми, внимавајќи на односите на Србија само со НАТО.“

Тој порача дека „веќе никого нема да информираме, освен за подигање или спуштање на борбената готовност“.

– Освен нашите обврски кон НАТО, кои секогаш целосно ќе ги исполнуваме во согласност со резолуцијата 1244. Ќе се обидеме да го зачуваме мирот, но ги предупредуваме сите оние кои очигледно не се грижат за мирот и кои сакаат Србите да бидат малку потивки, а не толку гласно иселени од северот на Косово, што нема да се случи. Тоа е сè што треба да им кажам. Нека мислат или тврдат дека тоа е блеф, реалност, сеедно ми е, вака или онака – рече Вучиќ.