Воведувањето на таксите од 100 отсто на стоки од централна Србија е точна и легитимна одлука на косовските институции, кажа косовскиот претседател Хашим Тачи, додавајќи дека и покрај тоа српските производи влегуваат незаконски во Косово.
Според „Клан Косово“, тој исто така рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ не е загрижен за таксите, бидејќи српските производи влегуваат на Косово преку други патишта.
-Српскиот претседател Александар Вучиќ не е многу загрижен за наметнувањето на даноците, бидејќи српската стока влегува во Косово од Црна Гора, Албанија, Македонија, но за жал со шверц- рече Тачи по завршувањето на Берлинскиот самит.
Тој оцени дека Вучиќ, иако загубил неколку милиони евра, „се здобил со репутација во поглед на сликата за тоа како на Србија ѝ се нанесува неправда, и се однесува како жртва”.
-Таксата е исправна одлука и мора да остане во сила. Ја поддржував оваа идеја од самиот почеток. Ниту повикав на суспензија, ниту на прекинување, тоа е чиста лага- додаде Тачи.