Соседна Србија би можела да стане прва земја во Европа што ќе воведе постојан биометриски видеонадзор над граѓаните и јавните места. Ова, меѓу другото, го наведува сајтот „Алџазира балканс“, кој пишува дека доколку се усвојат одредбите за масовен биометриски надзор, коишто се содржани во нацрт-законот за внатрешни работи во српскиот парламент, оваа земја ќе може да врши и да спроведува неселективен надзор врз луѓето во јавниот простор.
Впрочем за ова алармираше и фондацијата „Шеар“ од Белград.
– Технологиите што на тој начин би се ставиле на располагање на полицијата извонредно многу навлегуваат во приватноста, со потенцијално драстични последици за првата и слободата на луѓето и несогледливо влијание на демократското општество. Поради тоа Обединетите нации и Европската Унија веќе зазедоа став против масовен биометриски надзор во работата на полицијата и другите безбедносни служби на државата – порача „Шеар“.
Во меѓувреме, во Србија заврши јавната расправа за нацрт-законот, со што веќе е почната официјалната процедура за регулативата за масовниот надзор на јавните простори. Тоа предвидува напредни технологии што овозможуваат прибирање и обработка на голем број податоци за некоја личност во реално време, со софтверски алатки за препознавање ликови.
Медиумите од регионот на оваа тема пишуваат дека посебно загрижува отсуството на детална процена на влијанијата што примената на овој тотален биометриски надзор во соседна Србија би можела да им нанесе штета меѓу другото и на ранливите социјални групи, но и на новинарите, граѓанските активисти и другите чинители на демократското општество.