Фото: Игор Бансколиев

Наспроти високата стапка на млади со високо образование, земјите од Западен Балкан имаат повисока невработеност на младите од Европската Унија. Недостигот од работни места според соодветното образование ги принудува младите да прифатат други ниско платени работни места

На Балканот недостиг од работни места според соодветното образование

Во 2020 година, 41 отсто од населението на Европската Унија на возраст од 25 до 34 години завршиле високо образовани. Ако се погледнат податоците на Евростат, ќе се дојде до заклучок дека земјите од Западен Балкан не стојат многу лошо на листата на земји според бројот на лицата што имаат високо образование. За споредба, Македонија има 37,7 отсто академски граѓани и се наоѓа на 25-то место од вкупно 35 земји. Нашата земја и има највисоко место од земјите на Балканот, заедно со Црна Гора, која се најде на 22-то место, со 40,2 отсто. Хрватска се наоѓа на 26-то место од 35 држави, со 36,6 отсто луѓе што во 2020 година завршиле факултет, Србија се најде на 31-то место, со 32,6 отсто. Меѓутоа, кога ќе се направи споредба врз основа на бројот на младите и високообразовани граѓани што чекаат за своето прво вработување, тогаш сликата за „дипломците“ од Балканот не е толку розова. Просечната стапка на невработените млади на Западен Балкан во 2020 изнесувала 35,1 отсто, а на младите во ЕУ изнесува 16,9 отсто.
Високиот процент на млади со диплома во Македонија, па и во другите земји од регионот, се должи пред сѐ на либерализираниот пристап за студирање, но и поради неможноста за брзо вработување по завршувањето на средното образование. Но и со стекната диплома за високи (теоретски) знаења не е гаранција за младите дека ќе најдат работно место според нивните завршени студии. Колку е изразен проблемот со невработеноста на младите лица на Балканот покажува и примерот со Босна и Херцеговина, во која младата популација од 15 до 30 години има околу 777 илјади лица, од нив 60 отсто се невработени! Повеќе од половината млади за првата заработена плата чекаат две години, а една петтина чекаат до пет години, покажуваат податоците добиени од Министерството за цивилни работи во БиХ.

Поради ограничените можности да го работат тоа за што и студирале, многу млади излезот го бараат во „преквалификацијата“ на работни места за кои не е потребно факултетско образование. Радио Слободна Европа пренесува изјава на една млада апсолвентка на Академијата за уметност во Бања Лука, на насоката графички дизајн, која работи како шанкерка во градско кафуле.
– Не работам според струката. Многу е тешко да се пронајде работа во струката, а мора да се работи. Работев многу работи што не се поврзани со мојот факултет. Во БиХ може да се живее од својот талент и професија, но тоа е повеќе исклучок – вели таа.
Според анкетата што била спроведена меѓу младите, дури 85 отсто од младите се подготвени да работат надвор од своето факултетско образование.
Стапката на младите на Западен Балкан што не работат и кои не се на школување е исто така неповолна и изнесува 35 отсто, што е двојно повисоко од просекот на државите-членки на ЕУ, се наведува во истражувањето за вработеноста на младите спроведено од Советот за регионална соработка од 2021 година. Причините за високата невработеност произлегуваат од неадекватните политики за вработување и сиромашната понуда за работни места за млади лица.

Така, стапката на активност на младите во Западен Балкан изнесува 30,1 отсто и е пониска од просекот на државите-членки во ЕУ, каде што изнесува 37,8 отсто.
Состојбата со вработувањето на младите се влоши и во време на пандемијата, кога многу млади останаа без работа. Еден од предлозите за поголемо вработување на младите на Западен Балкан е да се примени програмата на ЕУ, која им помогна на милиони млади лица да добијат квалитетна понуда за вработување, за продолжување на образованието или за стажирање во период од четири месеци по губењето на работното место или по завршувањето на образованието.