Во направените тестови на лицата заразени со коронавирус се пронајдени нови мутации, потврди Албана Фицо, директорката на Институтот за јавно здравје, по состанокот на Комитетот на експерти. Фицо рече дека има секојдневна комуникација и информации со лабораторијата каде што се испратени примероците, но дека има ред во анализирањето на примероците.
Сепак, додаде дека со потврда или без од лабораторијата во Лондон има основани сомнежи за присуство на британска и африканска варијанта.
– Примероците беа испратени во најдобрата лабораторија во светот. Информациите и комуникацијата се секојдневни. Имаме променета динамика на старосната структура на заразените, како и фактот дека веднаш се соочивме со зголемување на позитивните, кај кои, со потврда или без неа од Лондон, нема сомнеж дека има присуство на новите мутации – изјави Фицо.
Околу 79 отсто од новозаразените во последните две недели се лица од 24 до 54-годишна возраст. Комитетот на експерти за справување со пандемијата треба да одлучи за заострување на антиковид-мерките, меѓу кои и зголемување на времетраењето на полицискиот час што се применува во Албанија.