Атина – Од грипот во Грција починаа 38 лица, а најмладата жртва на грипот е четиригодишно девојче. Само во изминатата недела има 17 мртви од грип. Во последната недела се пријавени 100 нови случаи, од кои 51 бараат хоспитализација, со што бројот на заболени достигна 151. Од вкупниот број заболени само 36,4 проценти биле вакцинирани. („Алфа“)

Софија – Два дена откако парламентарната група на владејачката ГЕРБ објави дека размислува за импичмент на претседателот на државата Румен Радев, Извршниот комитет на партијата на премиерот Бојко Борисов одлучи да не иницира и да не поддржи таква процедура. Радев изјави дека импичментот најмногу ќе ги наполни плоштадите. (БТВ)

Белград – Унгарската полиција соопшти дека привремено затворила еден граничен премин со Србија за да го пресече патот на група мигранти во обид да ја минат границата. Унгарија претходно соопшти дека од декември се зголемил бројот на обидите за илегално преминување на границата. Неколку стотици мигранти, вклучувајќи и деца, се собраа на границата меѓу Србија и Унгарија за да бараат да им биде дозволен влез во земјите на Европската Унија. (Б92)

Софија – Пред зградата на бугарското народно собрание вчера се одржа протест со барање за оставка на Владата предводена од премиерот Бојко Борисов. Организатор на протестот е опозициската Преродба. Во повикот за протест, организаторите како причини за незадоволство ги посочуваат кризата со водоснабдувањето во делови на земјата, демографската катастрофа, загадениот воздух, управувањето со отпадот… (БГНЕС)


Бисер балкански

Зборувајте српски

– Ние во Црна Гора немаме ни еден директор или кој било да се изјаснува како Србин, а овде на многу водечки места ги имаме тие Црногорци, кои сѐ уште не научиле ни српски, односно не знаат српски да зборуваат. Гледам да нема ниеден Црногорец во здравството. Србија ги има доволно од тие што знаат да зборуваат српски и кои заслужуваат да бидат во здравството. Не омаловажувам никого. Едноставно, ако сакате да живеете во Белград, ако сакате да бидете директор или на некоја функција, научете српски – изјави Златибор Лончар, министер за здравство во Владата на Србија, кој за ТВ О2, изјави дека во „Црна Гора им се случува народ“.