Западот нагласува дека независноста на Косово е посебен случај во меѓународното право, кој под никакви услови не може да се користи како преседан за други ситуации. Сепак, тоа не ги спречува сепаратистите да се повикуваат на косовската независност

Кога големите западни сили ја поддржаа независностa на Косово, тие недвосмислено предупредија дека тоа е посебен случај според меѓународното право, кој не може да се користи под никакви околности како преседан за други ситуации. Сепак, тоа не ги спречи сепаратистите да апелираат на случајот со Косово. Како што рече британскиот историчар Тимоти Гартон Еш: „Косово е уникатно и ќе има повеќе случаи како Косово“. Ова прво беше демонстрирано во Јужна Осетија и Абхазија во 2008 година, а потоа и на Крим во 2014 година. По референдумот во Крим, рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека косовскиот случај што „западните колеги го создадоа со свои раце во многу слична ситуација“ е соодветен преседан за Крим.
Случајот Крим фрли светлина на тоа колку штетно може да биде воведувањето отстапки од веќе утврдените норми на меѓународното право. Сепаратистите се уверија дека ставот на Западот кон сепаратизмот е во голема мера прашање на контекст, без разлика колку негови официјални лица го изјавуваа токму спротивното. Значи, тие веруваат дека можат да успеат да лобираат за нивниот случај на Запад, само ако можат да конструираат доволно привлечна приказна што ќе ѝ се допадне на западната публика. За време на каталонскиот референдум за независност во 2017 година, на пример, стратегијата на каталонската влада беше да ја принуди европската заедница да интервенира кај Шпанија, обидувајќи се да убеди дека, исто како и во Косово, нема друго одржливо решение, освен да се отцепи од „авторитарната“ шпанска влада.
Слични тактики беа применети од ерменската влада и во случајот со Нагорно Карабах. Случајот со Косово беше поздравен од ерменските сепаратисти во Нагорно Карабах, чиј успех се надеваа да го повторат. Тие исто така ја поддржаа анексијата на Крим, тврдејќи дека тоа е „манифестација за остварување на правото на самоопределување“. Покрај тоа, за време на гласањето на ОН во март 2014 година, Ерменија беше против резолуцијата на Генералното собрание на ООН за поддршка на територијалниот интегритет на Украина и прогласување на анексијата на Крим за незаконска.

Ерменските групи тврдат дека врз основа на случајот со Косово, САД треба итно да ја признаат независноста на Нагорно Карабах, иако Стејт департментот јасно предупреди дека Косово не е преседан и не треба да се гледа како преседан за кое било друго место во светот и дека „секако не е преседан за Нагорно Карабах “. Самиот ерменски премиер во изминативе месеци постојано тврди дека меѓународната заедница треба да го признае Нагорно Карабах како независна држава. Проблемот не е само во тоа што доктрината за корективно отцепување – која тврди дека отцепувањето може да се прифати како последно средство за ставање крај на угнетувањето – е мит, нема силна теоретска основа во меѓународното право и, генерално, нема никаква релевантност за „замрзнати конфликти“ во постсоветскиот регион. Исто така, таа претставува лажна дилема дека треба да се избере помеѓу добро интегрирано општество и надворешно самоопределување, додека целосно се игнорира многу поефикасен трет пристап кон решавање на конфликтот – внатрешно самоопределување, што не само што овозможува и соработка меѓу групите и доволна автономија за да постои, но исто така е и единствениот начин да се обезбеди одржлив мир во регионот.
Додека меѓународното право го вклучува концептот на самоопределување, тоа не повлекува право на отцепување. Општо е прифатено дека правото на самоопределување не може да се користи за расцепкување на територијата на суверена држава надвор од парадигмата за деколонизација. Освен во случаите на деколонизација, меѓународното право е за остварување на правото на самоопределување преку внатрешни средства, што повлекува право на самостојно управување без целосно политичко раздвојување. Територијалниот интегритет на државите против отцепување е загарантиран според меѓународното право и со добра причина. Ако секоја сепаратистичка група, честопати водена од опасни форми на национализам, спроведува надворешно самоопределување, тоа целосно би го дестабилизирало сегашниот либерален меѓународен поредок.

Потоа, понекогаш постои и мрачна реалност што се крие зад светкавата фасада на самоопределување. Како што беше случај со Крим, окупаторите се обидуваат да го прикажат своето тврдење како демократско и да го поврзат своето со либералните вредности. Кога ерменските националисти го почнаа движењето „Обединување“ во 1988 година, крајната цел беше присоединување на Нагорно Карабах кон Ерменија. Сепак, за да отстрани меѓународното неодобрување на иредентизмот и да се придобијат либералите, окупацијата подоцна беше ребрендирана како борба за самоопределување.
Покрај тоа, сепаратистите честопати се обидуваат да соберат меѓународна симпатија за нивната кауза со обид да претстават морален случај за сепаратизам. Главниот проблем со етнички заснованото право на отцепување е сепак што понекогаш е многу тешко да се оддели сецесионистичката логика од менталитетот што се залага за етнонационална чистост и етничко чистење. Со негирање на шансата да постои плуралистички и поинклузивен поим за нација, сецесионистичкиот светоглед може да биде многу регресивен по својата природа, и како таков ги олицетворува самите болести на етничкиот национализам што повоениот либерален поредок се обидуваше да ги уништи. Поддржувањето на принципот на територијален интегритет има и добра смисла, имајќи предвид дека веќе има премногу пропаднати држави во светот што ја нарушуваат стабилноста на нивните околни региони и ја зголемуваат можноста за војни и човечки страдања.

Ерменската влада, исто така, сака да тврди дека Нагорно Карабах ја постигна независноста „преку народен демократски референдум“. Во практика, ваквиот референдум не е ништо повеќе од анкета за мислење. Според меѓународното право, едностраното прогласување независност врз основа на референдум не е полегитимно од едностраното отцепување без народно гласање. По кандидатурата за независност на Косово во 2008 година, Белград направи грешка со барање од Меѓународниот суд на правдата (МСП) да донесе одлука за законитоста на едностраното прогласување на независност на Косово, наместо да побара од МСП да донесе одлука за законитоста на одвојувањето на Косово од Србија. Доколку МСП донесеше одлука дека чинот на отцепување го прекршил меѓународното право, големите европски сили ќе се најдеа во крајно непријатна позиција да мораат да бранат чин што беше недвосмислено прогласен за незаконски според меѓународното право. Од друга страна, ако МСП донесеше одлука дека отцепувањето на Косово не го крши меѓународното право, тоа ќе ги отвореше можност за наплив на други чинови на отцепување. На крајот, грешката на Србија му дозволи на Судот да избегне решавање на клучното прашање на отцепување – дали има право на отцепување – и наместо тоа да прибегне кон најтесниот можен пристап со изјава дека, генерално, во меѓународното право не постои забрана за прогласување независност како обична изјава, освен ако не е изречно забранета од Советот за безбедност на ОН. Во суштина, прогласувањето независност е прашање на слободен говор. Како на Крим, само затоа што некој може да каже дека е независен, тоа не создава правнообврзувачка реалност.

Прифаќањето на тврдењето за надворешно самоопределување, главно промовирано од етничката ерменска заедница во Нагорно Карабах, која не може сама да го претставува населението во Нагорно Карабах како целина, ризикува легитимирање на етничко чистење на азербејџанското население од Нагорно Карабах. Ерменската страна сè уште ги негира злосторствата врз Азербејџанците, бидејќи не се поклопува со приказната за жртвено јагне, која внимателно се конструираше со години, за да се легитимира насилството врз Азербејџанците. Исто како и Ерменците, етнички чистата азербејџанска заедница од Нагорно Карабах и, всушност, сите граѓани на Азербејџан имаат право на самоопределување, што вклучува, меѓу другото, право на глас за иднината на нивниот земја и да не им биде распарчена државата.
Ерменската влада тврди дека Азербејџан не ги признава легитимните поплаки на ерменската заедница во Нагорно Карабах, што е неточно. Ако беше вистина, тогаш, во текот на целиот процес на преговори, Азербејџан немаше да се залага азербејџанската и ерменската заедница на Нагорно Карабах да бидат заинтересирани страни во конфликтот и постојано изјавуваше дека е подготвен да му понуди на регионот највисока можна автономија што постои во светот за да ѝ се овозможи на ерменската заедница да ги остварува своите политички и културни права.
Факт е дека со примирјето од 1994 година азербејџанските територии останаа окупирани од Ерменија. И покрај тоа што Ерменија тврди поинаку, фактот за окупација е потврден многупати од разни непристрасни меѓународни тела.

Во 2015 година, Европскиот суд за човекови права потврди дека воената и политичката поддршка на Ерменија за Нагорно Карабах претставува „ефективна контрола“ на регионот. Судот го посочи очигледниот факт, сè уште жестоко отфрлен од Ерменија, дека „тешко е замисливо дека Нагорно Карабах, ентитет со население од помалку од 150.000 етнички Ерменци, бил во можност, без значителна воена поддршка од Ерменија, да формира одбранбени сили на почетокот на 1992 година“.
За жал, во најголем дел, Западот избегна да ја осуди ерменската окупација на Нагорно Карабах. Недвосмислената поддршка за територијалниот интегритет на Украина и осудата на руската окупација од Западот, заедно со режимот на економски санкции и рестриктивните мерки против Русија, е во целосна спротивност со западната реторика за конфликтот во Нагорно Карабах. Иако со право го поддржува територијалниот интегритет на Украина, Западот беше амбивалентен во однос на територијалниот интегритет на Азербејџан. Овој пристап имаше негативно влијание врз решавањето на конфликтот со создавање неразумни очекувања за сепаратистите. Тие гледаа на оваа двосмисленост како претходник на евентуалниот меѓународен легитимитет, што, пак, ги охрабри да одбијат да учествуваат во какви било сериозни преговори или да направат какви било значајни отстапки.

Како и да е, Западот сè уште може да помогне во наоѓање мирно и трајно решение на конфликтот во Нагорно Карабах, но за да се стори тоа, треба да заземе поостар став кон сепаратизмот. Косово навистина треба да остане посебен случај. Меѓународното право е најсилно кога неговите норми не оставаат многу простор за посакувани и деструктивни толкувања. Западот треба јасно да им стави до знаење на сепаратистите дека едностраното отцепување преку насилство и етничко чистење нема да се толерира повеќе. Тоа мора да ги поттикне сепаратистите да се откажат од максималистичката позиција и да ги притиснат да го изнесат својот став за самоопределување во рамките на меѓународно признаените граници на Азербејџан.

Ајаз Рзаев

Авторот е истражувач од Баку, Азербејџан