Техничката влада во Бугарија очекува 6,5 милијарди евра помош од Европската Унија за спроведување на планот за обнова на бугарската економија и општество, но Брисел побара појасни реформи во борбата против корупцијата, подобрување на деловното опкружување и заштита на финансиските интереси на ЕУ

Техничката влада на Бугарија со (пре)големи финансиски очекувања од европските фондови

Техничката влада на Бугарија го испрати до Европската комисија националниот план за закрепнување, кој опфаќа 59 инвестициски проекти што треба да овозможат и реформи во 46 области. Вицепремиерот за управување со фондовите на Европската Унија, Атанас Пеканов, објасни дека 12,9 милијарди лева (6,5 милијарди евра) ќе се слеат во бугарската економија во наредните години, објави Еуроактив.бг.
Планот за „обнова“ на Бугарија го почна владата на поранешниот премиер Бојко Борисов. Меѓутоа, на крајот на мандатот во мај, партијата ГЕРБ одби да го достави до комисијата. По жестоките критики од бизнис-заедницата и аналитичарите, кабинетот на техничкиот премиер Стефан Јанев ја ревидира содржината на програмата, која на крајот беше испратена минатиот петок до ЕК.
Според Пеканов, сега тоа е „програма за долгорочни инвестициски проекти и реформи за да се направи бугарската економија посилна и поконкурентна“.
Пеканов остро ги критикуваше другите институции, за кои рече дека се посветени на апсолутно блокирање какви било реформски напори. Како пример го посочи Врховниот судски совет.
– Некои институции ги сакаат воспоставениот поредок и статускво-ситуацијата. Но реформите се клучниот момент за да се осигури дека нашата економија и земја ќе се развијат во чекор со времето. И дури и ако некои реформи се болни, ние мора да ги направиме уверени дека одиме напред – вели Пеканов.
Според него, планот ги исполнува и приоритетите на европските институции за зајакнување на еколошката и дигиталната транзиција и желбата на бугарската влада да се заложи за клучни реформи, вклучувајќи ги и оние што ги одбија претходните влади.

Тој ги претстави промените направени во планот во последните месеци: значително зајакнување на фокусот на декарбонизација, реформи во здравството, електричната мобилност, социјалната сфера, владеењето на правото и правдата, подобрување на деловното опкружување и енергијата.
– Успеавме да направиме голем број подобрувања. Ова одложување доведе до резултати, а ние ги слушаме советите од различни партнери за поголема ефикасност на планираните проекти и реформи, како и за подобро искористување на овие средства – рече Пеканов.
Вицепремиерот додаде дека работата на планот е далеку од завршена, бидејќи претстојат официјални преговори со комисијата. Софија ќе се обиде да го одреди најновиот можен датум за затворање електроцентрали на јаглен до 2040 година, а најверојатно ќе се обиде и да го замени производството на струја со јаглен со два нови нуклеарни реактори.
Весникот „Капитал“ пишува што очекува Брисел од бугарскиот план за закрепнување, а како што забележува, најновата верзија на планот бара голем број законски измени, за кои сѐ уште нема гаранции дека ќе бидат прифатени од следниот парламент. Како што е познато, Бугарија се наоѓа во длабока политичка криза и се соочува со внатрешни партиски поделби и неможност да се формира стабилно парламентарно мнозинство.
Вицепремиерот Пеканов очекува, покрај 12,9 милијарди лева, да се активираат и дополнителни приливи и инвестиции од 8,1 милијарди лева. Планот вклучува 59 инвестициски проекти и спроведување 46 реформи, кои мора да се остварат до 2026 година. Значително учество, односно 38 отсто од средствата што се предвидени во планот за обнова на Бугарија се насочени кон подготовка за затворање електроцентрали на јаглен во земјата, за кои роковите во намерите на Владата се движеа од 2036 до 2040 година.

Покомплексната задача за одобрување на бугарскиот план се реформите што ги бара Брисел, кои се поврзани со работата на институциите во земјата, обезбедување владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата, заклучува „Капитал“. Пеканов ја коментираше неактивноста на Врховниот судски совет и обвинителството како пречки во овој поглед.
– Во споредба со јулската верзија, имаше зајакнување на барањата за реформи во областа на владеењето на правото. Ние им укажавме на претставниците на Врховниот судски совет и Обвинителството, но не слушнавме предлози како би можеле да се подобрат овие параметри – изјави Пеканов, додавајќи дека, покрај правдата, има многу планирани реформи во здравството, деловното опкружување и енергетиката.
Според извори на „Капитал“ што се запознаени со разговорите меѓу ЕК и бугарската влада за изработката на конечната верзија на планот, Брисел побара појасни реформи во борбата против корупцијата, предвидливост на законодавниот процес и подобрување на деловното опкружување до заштита на финансиските интереси на ЕУ. Ова вклучува очекување поголема контрола врз работата на генералниот обвинител, која ќе гарантира дека може да има независна истрага и против него. ЕК ѝ посветува особено внимание на борбата против корупцијата не само на највисоките нивоа на власт туку и во самото судство – вклучувајќи и мерки за зголемување на транспарентноста во работата на телата за борба против корупцијата.