Фото: Архива

Наспроти политичките блокади за процесот за проширување на Европската Унија, земјите од Западен Балкан се неизоставен дел од заедничките економски политики, за што е показател и заедничкото дејствување во делот на енергетиката за да стане Европа климатски неутрален континент

Покрај блокадата за пристапување во Европската Унија, во институциите во Брисел се одвиваат паралелни активности за вклучување на шесте земји од Западен Балкан во процесите што имаа пошироко значење за европските граѓани. Едни од позначајните области за „европското интегрирање“ на балканските земји беше заштитата на граѓаните од ширењето на коронавирусот, со вклучување на земјите од регионот во заедничката програма за вакцинација. Добар пример за применувањето на заедничката европска политика претставува и остварување на Зелената европска агенда, за што е потребна и активна поддршка на земјите од регионот, за да може да се оствари поставената цел Европа да биде климатски неутрален континент. Ова е уште една потврда на фактот дека Балканот природно, географски, енергетски, безбедносно, па и политички припаѓа на европскиот континент.

Шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, се дел од Европа и сите тие се обврзани да ѝ се приклучат на ЕУ во иднина. Како дел од нивниот процес на интеграција, тие станаа членови на Енергетската заедница, меѓувладина организација што има цел да создаде интегриран паневропски енергетски пазар. Тие се обврзаа дека ќе ги усогласат своите енергетски пазари со ЕУ, а минатиот ноември во Софиската декларација се обврзаа на неутралност на јаглеродот до 2050 година. Меѓутоа, без радикални и брзи промени, има мала надеж дека ќе можат да ги исполнат обврските што ги направија, пишува „Еуроактив“.

– Зголемувањето на нивниот удел во обновливата енергија е од клучно значење за Западен Балкан, но тоа мора да се направи со користење на вистинската технологија за регионот и со поддршка од Европската Унија – тврдат Виола фон Крамон-Таубадел, германска членка на Европскиот парламент со Зелените и нејзиниот колега Томас Ваиц, австриски пратеник во Европскиот парламент за зелените.
Главните урбани центри во земјите од Балканот во зимскиот период се соочуваат со загаден воздух и тие се редовно на листите на најзагадени градови во светот. Високата зависност од јагленот и лигнитот во производството на домашната електрична енергија и за затоплување на домаќинствата се причина за високата смртност од белодробни заболувања, што предизвикуваат и големи здравствени трошоци за националните влади.

Повеќето земји од Западен Балкан се длабоко зависни од производството на јаглен. Во овој сектор се вработени илјадници луѓе, кои зависат од експлоатацијата на локалните рудници за јаглен и лигнит. За преминување на алтернативни извори на енергија нема доволно средства. Според новите студии, производството на енергија е одговорно за над 50 отсто од сите емисии на стакленички гасови во сите земји од Западен Балкан. Во случајот со Србија таа е дури 80 отсто на Косово, до 87 отсто. Термоцентралите на Балканот користат и застарена технологија, а 16 термоцентрали од регионот емитуваат сулфур диоксид и прашина како 250 електроцентрали во 27 земји-членки на ЕУ. И преминувањето на изградба на мали-хидроцентрали претставува закана за заштита на животната средина. Така, ниту хидроенергијата нема да обезбеди брзо решение за декарбонизација на земјите од регионот, а со тоа и на европскиот континент, се заклучува во текстот на „Еуроактив“.

За да се постигне линеарно намалување на емисијата на стакленички гасови од денешното ниво до нулта емисија до 2050 година, потребно е барем 30 отсто намалување до 2030 година, гледано од сегашното ниво на емисија. Истражувањето на „КАН Јуроп“ пресмета што точно значи ова за секоја од земјите и кое ниво на емисија треба да се постигне до крајот на оваа деценија. Во случајот со Босна и Херцеговина, ова значи номинално намалување на емисијата над 50 отсто. За да се постигнат овие цели, шесте влади од регионот се обврзаа да поднесат Национални планови за енергетска клима (НЕКП) до Енергетската заедница и таа постапка е во тек. Намерата е да се изготват веродостојни планови за намалување на нивните емисии на јаглерод. Меѓу основните препораки за земјите од Западен Балкан се преоѓање алтернативни одржливи средства за производство на енергија што нема да му наштетат на населението или животната средина. Странските инвестиции, исто така, треба да се базираат на политики засновани на докази и одржливи, наместо краткорочни или чисто геополитички размислувања. Поддршката на ЕУ за енергетската транзиција треба да се фокусира на ветувачки технологии како што е сончевата енергија. Потенцијалот за соларна енергија е висок во регионот, кој има подолги сончеви часови од повеќето западни или централноевропски земји.
Тоа би можело да претставува еколошки и помалку ранлива алтернатива на хидроенергијата и затоа ЕУ треба да ги пренасочи финансиите кон неа за да го искористи овој огромен потенцијал, пишува „Еуроактив“.

Со потпишувањето на Софиската декларација за Зелената агенда за Западен Балкан, минатата година, земјите од регионот се обврзаа на конкретна акција, вклучувајќи и воведување такси за емисијата на јаглерод диоксид и пазарен модел за потикнување обновливи извори на енергија, како и постепеното укинување на субвенциите за јаглен. Договорните страни од Енергетската заедница, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, се обврзаа заедно со ЕУ за остварување на целта во 2050 година Европа да биде климатски неутрален континент.
Во однос на декарбонизацијата, земјите од Западен Балкан мора да ги исполнат своите енергетски цели до 2030 година, преку имплементација на конкретни мерки опфатени со националните стратегиски документи од оваа област. Циркуларната економија исто така е значаен дел од декарбонизацијата, а фокусот е ставен на превенцијата на генерирањето отпад, рециклирањето и компостирањето.