Впечатокот на познавачите на регионалните политички состојби е дека пораките на американските булдожер-дипломати треба еднакво силно да прозвучат и во БиХ, а и кај другите земји во регионов што сѐ уште „транзитираат“. Имено, политичките кризи, коруптивните политичари, загрозувањето на мирот и стабилноста, опстојувањето на изборните модели што ги форсираат локалните центри на моќ и султан-партиската филозофија, при што се загрозуваат основните демократски принципи и територијалните интегритети на сегашните балкански државни ентитети…, сето тоа треба да биде минато, ставено ад акта, доколку се сака регионот да тргне напред!

Дејтонска БиХ како метафора за состојбите на цел Западен Балкан

Изминатиот месец од повеќемина американски булдожер-функционери беа испратени силни пораки што се однесуваат на Босна и Херцеговина. Меѓутоа, впечатокот на познавачите на регионалните политички состојби е дека тие еднакво силно треба да прозвучат и кај другите земји во регионов што сѐ уште „транзитираат“. Политичките кризи, коруптивните политичари, загрозувањето на мирот и стабилноста, опстојувањето на изборните модели што ги форсираат локалните центри на моќ и султан-партиската филозофија, при што се загрозуваат основните демократски принципи и територијалните интегритети на сегашните балкански државни ентитети…, сето тоа треба да биде минато, ставено ад акта, доколку се сака регионот да тргне напред. Тоа се во основа пораките на САД и меѓународната заедница, кои гласно треба да одекнат не само во БиХ туку и во регионот.

Нов модел за изборни реформи

Специјалниот пратеник на американската администрација за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во американскиот Конгрес укажа на опасните закани од членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, упатени кон институциите на државно ниво.
– Се закануваат и го поткопуваат Дејтон, европскиот избор и перспективата на сите граѓани на БиХ. Интензивно сме ангажирани со локалните актери и нашите партнери да се спротивставуваме на кои било потези што се закануваат за враќање на проблематичната иднина на Босна, наместо да се обезбеди нејзина светла иднина – изјави Габриел Ескобар во американскиот Конгрес.
Во рамките на засилениот ангажман на Вашингтон во регионот беше и посетата на Сараево од страна на Метју Палмер, специјалниот пратеник на американската администрација за изборна реформа во Босна и Херцеговина, кој потсети дека САД внимателно ги следат тензиите и активностите што доведоа до политичка криза во земјата. Тој го повтори ставот дека САД цврсто го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ.
– Решителни сме во намерата да направиме сѐ што можеме да помогнеме состојбата да деескалира, да го вратиме чувството на мир и дека постои пат што води кон стабилна и мирна иднина на БиХ. Има уште многу да се направи, тука сме да помогнеме и во БиХ да се постигне договор за промените што се потребни на патот кон ЕУ – изјави Палмер.
Тој напомена дека немаат намера да наметнуваат каков било модел на изборна реформа, туку само да помагаат во разговорите во БиХ.
Во измените на изборниот закон биле разгледувани предлозите да има две изборни единици за избор на членови на Претседателството на БиХ, без да се избрише етничкиот префикс.
Како што дознава „Дневни аваз“, решението што го преферираат САД и ЕУ подразбира и бришење на етничкиот префикс, но со создавање повеќе изборни единици во Федерацијата за избор на Претседателството.

Сите земји во транзиција со исти проблеми

Инволвирањето на странските претставници, а пред сѐ на американските, во решавањето на босанскиот проблем, може да се протолкува пред сѐ како силен сигнал дека изборните закони на земјите од регионот треба да се менуваат. Клучната забелешка е во фактот дека изборните закони не овозможуваат избор на најквалитетни кандидати, луѓе што се компетентни и поседуваат знаење и вештини во соодветните области. Застарените изборни модели и натаму фаворизираат луѓе што слепо ќе ги извршуваат наредбите на партискиот лидер.
Токму затоа, сигналите се во насока да го отстранат феноменот „султан-партија“, во кој се крие најголемата опасност од авторитарност и загрозување на процесите за демократизација на земјите во регионот.
Детектирајќи ги ваквите системски слабости, аналитичарите сметаат дека САД сакаат да се направи барем еден исчекор за да се добие на квалитет, во човечки материјал што не е заглавен во национализам, во теснопартиски интереси. Избраните кандидати треба да бидат во служба на народот, а не на лидерот. Во спротивно, земјите од регионов сѐ подлабоко запаѓаат во криза, младите бегаат во странство, а кризата се продлабочува.
Се разбира, ова е само еден аспект на проблемот, но сосема доволно за да ги натера сите во регионот на размислување. Според познавачите на состојбите во регионот, ова не е само босански проблем, па затоа би било добро ако се согледа неговото вистинско значење и се чујат испратените пораки, а уште повеќе тие да се разберат.