Хаотичната политичка ситуација, со уличните протести и неизвесноста околу одржувањето на локалните избори ги намали шансите на Албанија за приклучување на Европската Унија (ЕУ) пишува „Економист“.
– Во 1997 година дојде до потполн колапс на владеењето на законите и правото во Албанија, кога нејзините граѓани грабнаа тенкови и го принудија тогашниот претседател Сали Бериша да поднесе оставка. Оттогаш демократијата стапна во Албанија, па нема голема веројатност за повторување на ваквите настани, но политиката и натаму е валкана работа. Водечките политички партии се поврзани со кланови со сомнителни врски – се наведува во анализата на британскиот магазин.
Наспроти политичкиот хаос, Албанија, според оценките на Европската комисија, може да се пофали дека ја потсреди ситуацијата во судството. Се врши проверка на необјаснетото богатство на судиите и обвинителите, а се испитува и нивната можна поврзаност со организираниот криминал, како и нивната ефикасност. Од 140 лица во судството кои беа под надзор, 53 добија одобрување да продолжат со работата.
Пред една година ЕУ изнесе низа услови пред да почнат преговорите за приклучување со Албанија. Извештајот на Европската комисија од 29 мај даде препорака за почеток на пристапните преговори, но неколку земји-членки го запреа процесот на 18 јуни. Тоа беше силен удар за Албанија, иако очекуван од страна на албанскиот парламент. Албанскиот премиер Еди Рама порача дека напорите за приклучување на ЕУ ќе продолжат, обвинувајќи ги земјите-членки на Унијата за повладување на популистичките партии.