Во согласност со Законот за воени меморијални објекти, најверојатно, од есен ќе бидат отстранети сите споменици во Србија што им се подигнати на освојувачите, воените злосторници и на терористите. Во иднина нема да биде прифатена ниедна иницијатива, која ги навредува верските и националните чувства и ги величи фашистите и сепаратистичките идеи, пишува „Вечерње новости“.
За отстранувањето на некој споменик ќе одлучуваат државните институции, а први на листата се спомен-плочата на Аќиф Ефенди во Нови Пазар и спомен-обележјата на т.н. Ослободителна војска на Прешево, Бујановац и Медвеѓе, кои се поставени во Прешево. Весникот објавува дека списокот на недостојни личности е долг, а повеќето од нив се наоѓаат на југот на Србија и во Војводина.
Сите предлози ќе бидат разгледувани на Советот за негување на традицијата на ослободителните војни, кој ќе биде формиран кон средината на август, а во согласност со Законот за воени меморијални обележја. Државниот секретар во Министерството за труд, вработување, боречки и воени прашања Негован Станковиќ вели дека членовите на ова тело се најстручни и во него ќе се најде еден професор по предлог од универзитетите, претставник на САНУ и од Заводот за заштита на споменичната култура и вработени во државната управа.