Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден пристигна во Брисел, од каде ќе му испрати порака на рускиот колега, Владимир Путин, дека додека трае руската инвазија на Украина, западниот сојуз е посилен од секогаш, од крајот на Студената војна, коментираат светските агенции.

На денешната агенда на Бајден, прв е вонредниот самит на НАТО, па состанокот со Г7, а потоа и средба со лидерите на ЕУ.

Медиумите потсетуваат дека претседателот на САД предупреди, дека Путин можеби размислува за употреба на биолошко и хемиско оружје, за да ја забрза инвазијата врз Украина, „сценарио, што може да отвори опасно и непредвидливо поглавје во едномесечната војна“.

Според советникот за национална безбедност Џејк Саливан, посетата на Бајден има за цел да го зацврсти американскиот одговор на „трите критични фронта“ – опремување на Украина со воена опрема, наметнување поголеми трошоци за Русија, како и зајакнување на западниот сојуз.

Со влегување во зградата на Европскиот совет, Бајден ќе стане првиот претседател на САД, кој ќе присуствува физички на самит на ЕУ.

Останатите лидери од Г7 – премиерот на Канада – Џастин Трудо, на Велика Британија – Борис Џонсон, на Јапонија – Фумио Кишида, исто така заминаа за Брисел, за да присуствуваат на самитот на Г7, јавуваат медиумите.